• сабота, 21 декември 2024

Османи: Извештајот на ЕК недвосмислен повик за старт на преговорите без натамошно одложување

Османи: Извештајот на ЕК недвосмислен повик за старт на преговорите без натамошно одложување
Скопје, 20 октомври 2021 (МИА) - Европската комисија со овогодинешниот Извештај, но и со нејзината стратешка комуникација во однос на пакетот за проширување испраќа силен и јасен сигнал дека кредибилната политика на проширувањето останува да биде клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност, безбедност и економски развој во цела Европа. Во согласност со позитивните оценки од страна на ЕК за земјата по однос на сите параметри доаѓа и недвосмислениот повик кон земјите членки, без натамошно одложување да се завршат дискусиите за одржување на првата Меѓувладина конференција, која треба да се одржи што е можно поскоро за време на Словенечкото претседателство со ЕУ. Ова, како што оценува шефот на дипломатијата Бујар Османи во статусот на неговиот фејсбук профил, се дел од седумте клучни надворешно-политички поенти кои произлегуваат од Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2021 година презентиран вчера во ЕП во Стразбур. Тој додава дека Извештајот нотира оти Северна Македонија продолжи да ги исполнува критериумите за отварање на преговорите и оваа Влада јавно ја демонстрираше цврстата волја за напредување во ЕУ патеката. - Земјата одржува постојано и одлучно темпо во унапредување на ЕУ реформите и ги интензивираше своите напори за испорака на опипливи резултати. Во оваа насока оди и усогласеноста со надворешаната и безбедносна политика на ЕУ, достигнувајќи 96 проценти во август 2021, во споредба со 94 отсто во 2020, посочува Османи. Европската Комисија констатира, нагласува тој, и сериозен напредок во преговорите со Бугарија, и односот кој Северна Македонија го има по ова прашање. Комисијата како значајни чекори ги смета, додава шефот на дипломатијата, и неговата прва посета на Софија како министер, потоа посетите и на Премиерот, средбата на Претседателите, одржаните состаноци на Историската Комисија итн. Низ коментарите на Европската комисија се валоризирани нашите напори и тоа е важно, затоа што ни дава отоврена врата да ја бараме поддршката од нашите пријатели и понатаму. Надминувањето на разликите меѓу Бугарија и Северна Македонија стануваат приоритет и за Комисијата што покажува, вели Османи, дека Унијата нема да ги остави овие прашања сами на себе. - Во согласност со заклучоците на Советот на ЕУ, Комисијата ја продолжува неопходната подготвителна работа и ја очекува првата меѓувладина конференција што е можно поскоро по усвојувањето на преговарачката рамка од Советот и пред крајот на оваа година во рамките на словенечкото претседателство, додава Османи во објавата на Фејсбук. вг/сп/

Остани поврзан