• недела, 24 ноември 2024

Османи: Избраното претседателство е инклузивно по однос на сите основи, другите партии да учат од ДУИ

Османи: Избраното претседателство е инклузивно по однос на сите основи, другите партии да учат од ДУИ

Тетово, 15 октомври 2022 (МИА) - Портпаролот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Бујар Османи по извршениот избор на новото партиско централно претседателство оцени дека листата со партиски функционери е инклузивна по однос на регионалната претставеност, генерациска и полова застапеност и дека таа едногласно беше поддржана од Централниот совет.  Со ова централното претседателство со 37 членови веќе почнува уште наредниот ден да функционира.  

На новинарските прашања зошто не се разговараше за отчетноста на членовите кои се во извршната власт, Османи со одговор дека тоа се прави секојдневно.

- Отчетноста е наша постојана задача. Ние отчетност даваме пред се пред вас, пред јавноста и тоа го правиме најредовно можно. Но, се разбира, имаме должност да бидеме отчетни и кон органите на партијата коишто не има предложено. Сега се формира, т.е. денеска се формираше претседателството и очекувам до крајот на месецот да ја имаме и првата конститутивна средба. Се разбира, таму ако има интерес ќе ги претставиме уште еднаш, истакна Османи.

За тоа дека состанокот кратко траеше, Османи рече дека е така со оглед дека долго е подготвуван.

-Не е случајно дека има таква една едногласна поддршка затоа што имаше толку средби. Еве, вчера, на пример, останавме 6-7 часа и претходно индивидуални средби на Ахмети со сите региони. Така што, ова само зборува за добро подготвен состанок, а не зборува за некаква неактивност на членовите на Одборот. Туку, се што имале – кажале. Тоа што можело да се земе во предвид е земено во предвид и денеска е дојден со еден предлог којшто е консензуален, којшто ги задоволува сите и така ја добива поддршката на сите членови, рече Османи.

За време на состанокот немаше поголема дебата, а при избор на членови на претседателството, Талат Џафери побара уште еден потпретседател за гостиварскиот огранок. Претседателот Ахмети тоа го стави на гласање, но не доби поддршка, а Османи го оцени како неможно поради статутарни ограничувања.

-Јас без да бидам нескромен би им кажал на другите партии да земаат малку да учат од ДУИ, од тоа како се прави демократија овде – преку широк консултативен процес, преку можност да се даде право секој да си го каже своето мислење па ако треба и јавно тоа да си го каже, бидејќи на тој начин најдобро институционално се канализира енергијата внатре. ДУИ неслучајно е најуспешната организација во регионот со 20 години консекутивни едно подруги победи на сите можни нивоа. Токму заради тоа што има лидер којшто може да ја одржи партијата жива, динамична и да ја адаптира на современите околности и има внатрешен капацитет да различните погледи ги става во функција на една синергична активност на партијата за да добие поддршка на избори, рече Османи.

Партискиот портпарол оцени дека сите интереси во партијата успешно се артикулирани со овие избори на луѓе во претседателството и надзорниот одбор.

-Организацијата – политичката партија има интереси да ги претстави граѓаните и електоратот, секој од нас претставуваме одреден електорат специфично од каде што доаѓаме – од населбата, па после од општината, па после од градот итн., пошироко се до целиот електорат кој не поддржува и се разбира – да, ние сме тука да ги поставиме нивните интереси. Не секогаш интересите на мојата наслеба се совпаѓаат со интересите на еден друг град или друго село. Способноста на еден лидер е сите тие различни погледи да ги стави во еден механизам којшто победува и којшто дава резултати. Мислам дека ДУИ ги има двете карактеристики – победува и дава резултати, одговори Османи.

Околу 120-те членови на Централниот совет на ДУИ во Тетово за нешто повеќе од еден час го завршија состанокот, на кој беа избрани 37 члена на централното претседателство, како и седум други функции.  Изборот на партиските функционери се направи по предлог на претседателот Али Ахмети кој ги прочита предлозите и ги стави на гласање.

Нови четворица потпретседатели се Бајрам Реџепи од Тетово, Изет Меџити од скопски Чаир, Арбр Адеми од Куманово и Арбана Пашоли од Дебар.  За генерален секретар е избран Фатон Амети, организациски секретар Блерим Беџети и секретар за родова застапеност Саранда Имери.ас/са/

Остани поврзан