• четврток, 26 декември 2024

Османи за соработката на ОБСЕ со азиските партнери: Заедничките безбедносни предизвици бараат заеднички одговор

Османи за соработката на ОБСЕ со азиските партнери: Заедничките безбедносни предизвици бараат заеднички одговор

Скопје, 17 јули 2023 (МИА) - Европа и Азија се соочуваат со заеднички безбедносни предизвици. Војната на Русија против Украина има негативен ефект врз глобалните текови и затоа од големо значење е придонесот на нашите Азиски партнери за безбедноста во регионот на ОБСЕ. Ова го истакна претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи во неговото видео обраќање на Конференцијата „Европа и Азија: Решавање на заедничките предизвици во непредвидливата глобална безбедносна средина преку мултилатерална соработка“, организирана од ОБСЕ во Виена.

-Постои блиската и нераскинлива меѓусебна поврзаност помеѓу безбедноста во регионот на ОБСЕ и безбедноста на неговите соседи. Всушност, во нашиот глобален свет, сè повеќе предизвици се заеднички. Со заедничките предизвици, сепак, доаѓаат и заеднички можности. Затоа е од клучно значење за нас да работиме заедно, да учиме едни од други и на крајот да го заживееме мултилатерализмот, рече Османи во обраќањето.

Како клучен елемент на работата на ОБСЕ и на Претседавањето на Северна Македонија со Организацијата, истакна Османи, е унапредување на безбедноста на луѓето што е предуслов за нивната благосостојба. Таа може да се постигне преку:

-Зајакнување на дијалогот, споделување на заложби, размена на експертиза, заедничко идентификување на области од заеднички интерес и генерирање на идеи за заедничко справување со безбедносните предизвици – сето тоа се начини на кои Европа и Азија можат да ги зајакнат своите врски и нивната безбедност, напомена Османи.

Тој ги повтори клучните приоритети на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, безбедноста, со посебен акцент на сајбер безбедноста, климатските промени, човековите права, демократијата и владеењето на правото. Сите овие области се соочуваат со предизвици што директно влијаат и на безбедноста, поради што соработката во ова време е суштинска за справување со нив.

-Од ефективната соработка во справувањето со предизвиците од  безбедносните закани помеѓу ОБСЕ и нашите Азиски партнери придобивки може да има целиот регион на ОБСЕ, рече Османи. мч/дма/

фото: МНР

 

Остани поврзан