• четврток, 26 декември 2024

Османи за „Еуроњуз“: Русија користи дезинформации за да го забави пристапувањето на Западен Балкан во ЕУ

Османи за „Еуроњуз“: Русија користи дезинформации за да го забави пристапувањето на Западен Балкан во ЕУ

Скопје, 24 јануари 2024 (МИА) – Шефот на дипломатијата Бујар Османи во интервју за „Еуроњуз“ вели дека Русија користи дезинформации и лажни вести со цел да го забави пристапувањето на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.

-Фрустрацијата поради одложувањето на пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ создава простор за Русија да сее раздор во земјата преку „арсенал“ на хибридна војна, оцени Османи, кој вчера во Брисел присуствуваше на панел-дискусијата на конференцијата „Позадината на дезинформациите: Зајакнување на нашите општества против манипулациите и мешањето на странските информации“, чиј домаќин беше високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел. 

Според Османи, Русија користи насочени кампањи за дезинформации - вклучително и ширење лажни вести преку интернет тролови, за, како што посочи, да го „растури социјалното ткиво на општеството“ во земјата како и во Западен Балкан и да го забави нивното пристапување во ЕУ.

-Очигледно Русија дизајнираше дезинформации за да ја спречи Северна Македонија да ги постигне своите стратешки цели, а тоа се членството во НАТО и ЕУ, истакна Османи.

Како што истакна тој, фрустрацијата што се создава на патот до членството во ЕУ е киднапирана од малигни сили „кои се обидуваат да ја канализираат оваа енергија на фрустрација на нивна страна“.

Османи нагласи дека единствениот одговор е недвосмислено да продолжиме со нашата агенда за евроатлантските интеграции.

Османи за „Еуроњуз“ кажа дека го поддржува новиот пристап на Брисел за постепена интеграција, вклучувајќи го и планот за раст од 6 милијарди евра за 2024-2027 година, дизајниран да го отвори заедничкиот пазар на Унијата за кандидатите од Западен Балкан и да ги зајакне нивните економии за десет отсто.

-Сфативме дека стандардниот концепт за влез во ЕУ е сè или ништо. Патот е долг, патувањето е тешко, а луѓето и кандидатите не гледаат никаква корист од самиот пат, објасни Османи, додавајќи дека она што сакаме да го видиме е постепена интеграција на регионот во единствениот пазар пред членството и интеграција во формалните структури на Европската Унија пред самата интеграција, додаде тој за „Еуроњуз“.

Ова, според него, може да значи давање статус на набљудувачи на земјите од Западен Балкан на министерските состаноци на ЕУ, како што е Советот за надворешни работи, идеја што ја поддржуваат неговите колеги од ЕУ.

Османи вчера на панел-дискусијата во Брисел, меѓудругото кажа дека политичкиот пејзаж во Северна Македонија никогаш досега не бил толку поларизиран како пред претстојните претседателски и парламентарни избори, создавајќи два кампуси – проевропски и антиевропски фронт.

- Првпат нашите граѓани се ставени пред фундаментален тест дали ЕУ листата ќе остане победничка листа на Западниот Балкан на едни избори, рече вчера Османи, додавајќи дека во услови кога понудите на политичките партии се разликуваат во нијанси и кога главната разлика е ЕУ или други алтернативи, Унијата треба да застане во одбрана на вредностите кои ги поддржуваат мнозинството од граѓаните на Северна Македонија, а тоа се вредностите на ЕУ. нд/ац/

 

Остани поврзан