• среда, 25 декември 2024

Османи: Енергетската безбедност во нашите приоритети е поддржана и од членките на ОБСЕ

Османи: Енергетската безбедност во нашите приоритети е поддржана и од членките на ОБСЕ
Скопје, 1 септември 2022 (МИА) - Вклучувањето на енергетската безбедност во приоритетите на претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година е навремена одлука што ја поддржуваат земјите учеснички, изјави денеска во Виена министерот за надворешни работи Бујар Османи. - Основна карактеристика на ОБСЕ е пристапот кон сеопфатниот пристап на безбедноста. Со руската агресија во Украина излезе на површина улогата на енергијата и изворите на енергија во одржување на безбедноста. Улогата на претседавачот е да ја наметне темата и да ја насочи организацијата кон наоѓање решение. Едногласно е и така беше и денеска размислувањето дека вклучувањето на енергетската безбедност во приоритетите на Република Северна Македонија е навремена одлука што ја поддржуваат земјите учеснички, изјави Османи на новинарско прашање на онлајн прес-конференцијата по своето излагање пред Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена, претставувајќи ги приоритетите на нашето претседавање со организацијата во 2023 година. Во однос на најавите дека Република Северна Македонија за време на своето претседавање ќе го покаже како пример и својот пример на мултиетничка демократија и дали во моментов сакаат да го слушнат нашите први соседи, Османи вели дека нашата земја е уникатен модел кој може да се извезува како референтен модел и пример. - Сигурно дека Северна Македонија ќе даде свој специфичен придонес во текот на претседавањето, освен општиот придонес. Од земја корисник на услугите на ОБСЕ денес станува земја која претседава со најголемата регионална безбедносна организација. Ние како корисници, најдобро ги знаеме бенефитите од услугите кои ги дава организацијата. Специфичниот карактер на нашата функционална мултиетничка демократија како уникатен модел сигурно дека може да се експортира како референтен модел и како пример, нагласи Османи. Во својот вовед Османи уште еднаш подвлече дека  Претседавање во 2023 година е голем успех за земјата. и ќе се одвива на линија на принципите, вредностите и заложбите на Организацијата. При тоа повтори дека кризата предизвикана со воената агресија на Русија врз Украина претставува најтешкиот предизвик и за функционалноста на ОБСЕ. Справувањето со овој предизвик ќе претставува централна точка преку која и натаму ќе се моделираат приоритетите на Организацијата, бидејќи овој безбедносен преседан директно ги загрозува столбовите на кои почива организацијата и нејзината улога, и ја нарушува и целосната безбедноста архитектура и досегашниот политички поредок кој над 70 години обезбедуваше стабилност и просперитет. - Ова е голем успех за Северна Македонија, уште поголем за нашата дипломатија. ОБСЕ е најголемата безбедносно политичка организација која се простира на три континенти и во која членуваат 57 земји – членки. Нејзиното значење ние на Балканот добро го знаеме, носејќи со себе благодарноста кон Организацијата при превенција на бројните конфликти во нашето соседство. Стоиме заедно, рамо до рамо со нашите партнери, но овојпат со нова улога. Од земја – корисник на механизмите на ОБСЕ стануваме нејзин Претседавач и тоа во време кога Организацијата е соочена со најголемиот предизвик од своето постоење кое под знак прашање го става и самото нејзиното постоење. Честа е голема, а обврските уште поголеми. Довербата ни ја дале 56 земји – членки, наше е да ја оправдаме. Нека ни е со среќа, порача шефот на дипломатијата Османи. мс/вг/

Остани поврзан