• петок, 27 декември 2024

Османи до Хил: Србија не може ниту да сонува членство во НАТО

Османи до Хил: Србија не може ниту да сонува членство во НАТО

Приштина, 20 март 2024 (МИА) – Косовската претседателка, Вјоса Османи, одговарајќи на изјавата на американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, дека „Србија е поблиску до НАТО одошто Косово“, рече дека „тој што вели дека Србија е блиску до НАТО ги навредува не само демократските држави... туку и жртвите на Србија на Слободан Милошевиќ“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во изјава за новинарите по денешното обраќање на Конференцијата „Недела на жената“, Османи рече „постои само една земја што е подалеку од НАТО од Србија, а тоа е Русија на (Владимир) Путин.

- Земја како Србија, која постојано ги крши главните вредности на кои почива НАТО - заштитата од авторитарни сили, заштитата од држави кои ги прекршуваат основните правила на меѓународното право - не само што е далеку од НАТО, туку не може ниту да сонува еден ден да биде дел од НАТО, изјави Османи.

Амбасадорот Хил за српската државна телевизија РТС синоќа изјави дека „ако погледнете кој е партнер на НАТО, Србија е многу поблиску до НАТО отколку Косово, во овој момент да, тоа засега е многу точно“.

Косовската претседателка рече дека Србија, со оглед дека е против вредностите на НАТО, никогаш не ни изразила подготвеност за влез во Алијансата.

- Тоа е единствената држава од Западен Балкан која повеќе пати изјавуваше дека нема да влезе во НАТО и дека е против НАТО. Трето, Србија е земја која пред неколку месеци изврши чин на агресија врз Република Косово, која постојано се обидува одвнатре да ја уништи Босна и Херцеговина, истото го прави и со Црна Гора. Тоа значи дека тоа е земја како Русија, која ги крши принципите и вредностите на добрососедството, но истовремено презема конкретни насилни дејствија, сметајќи ги околните соседи како привремени држави, а не како постојани држави какви што се, рече Османи.

Таа нагласи дека Србија „никогаш не се соочила со своето геноцидно минато“.

-Тоа е држава која изврши геноцид, тоа е држава која изврши злосторства против човештвото. Тоа е држава која изврши воени злосторства и се уште спие на масовни гробници. Значи, дозволете ми отворено да кажам, секој што ја смета Србија за земја која е блиска до НАТО, не само што ја навредува секоја демократска држава која презема конкретни чекори кон членство во НАТО, туку ги навредува и жртвите на Србија на Милошевиќ, која е иста денес каква што беше пред неколку децении, рече Османи.иа/сд/

Остани поврзан