• вторник, 24 декември 2024

Османи: Да не бараме алиби и да се реорганизираме за издавање на пасошите

Османи:  Да не бараме алиби и да се реорганизираме за издавање на пасошите

Скопје, 1 март 2024 (МИА) - Засега пораката од Грција е дека тие немаат можност да прифатат какво било прекршување на меѓународно потпишаниот договор. Треба да се концентрираме на реорганизација во Министерството за внатрешни работи за забрзување на процесот на издавање на пасоши, рече вечерва министерот за надворешни работи во техничката Влада, Бујар Османи, кој е и кандидат на ДУИ за претседател на државата.

Во гостување на ТВ Сител, прашан дали ДУИ ќе го поддржи предлогот на ЛДП за законски измени со кои ќе се овозможи да се признаваат пасошите на кои има печат дека се во сопственост на Република Северна Македонија, Османи рече дека меѓународните договори кои се дел од внатрешниот правен поредок не може да се сменат со закон. 

- МВР не треба да се занимава со прашања коишто не се во нивна надлежност.  Ние мора да сме во координација  и со втората страна, при донесување на какво било решение и одлука. Членот 118 од Уставот вели не можат меѓународните договори коишто се дел од внатрешниот правен поредок да се сменат со закон, рече Османи. 

За различните информации во јавноста во однос на можноста за патување со документи со старото уставно име, Османи повтори дека нота е добиена дека може да се патува само од Швајцарија.

- И затоа јас веднаш излегов преку нашата Амбасада да ги информирам граѓаните дека Швајцарија не бара. Другите држави во практика тоа го прават, но немаат донесено одлука. Значи, дале некоја внатрешна инструкција очигледно бидејќи не бараат ни патни листови на граѓаните, меѓутоа немаат донесено одлука. И јас не можам да излезам на граѓаните да им кажам кога патувате со кола низ Германија, Унгарија, Србија, не земајте патен лист, бидејќи немам таков документ. Имав најава од Црна Гора, еве ќе кажам дека нема да ги прифати, па сега работиме со Црна Гора за да видиме зошто е таквиот став.  Сметам дека не треба да бараме сега во моментот алиби. Треба да седнеме и да се реорганизираме да можеме да издадеме пасоши. Тоа е пораката до МВР,  наместо да дефокусира, рече Османи. 

Прашан што е поверојатно, ДУИ да му даде поддршка на Пендаровски во вториот изборен круг или да оди на бојкот, Османи одговори дека очекува - обратно, односно дека тој ќе влезе во вториот изборен круг. 

- Мора да гарантираме дека продолжуваме на патот кон ЕУ. Само тоа ќе гарантира внатрешна хармонија,  економски и социјален просперитет, задржување на младите, враќање на тие кои заминале. Нема друга алтернатива. Најголемиот ризик од руските хибридни закани ќе биде ако на следните избори европскиот тикет не биде победнички тикет, рече Османи. лв/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан