• петок, 20 декември 2024

Османи-Милков: Да не се дозволи бројните провокации од групи и поединци да ги нарушат добрососедските односи

Османи-Милков: Да не се дозволи бројните провокации од групи и поединци да ги нарушат добрососедските односи
Скопје, 8 ноември 2022 (МИА) - Севкупниот контекст на односи и соработка во светло на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, како и заедничките обврски кои произлегуваат од него, беа тема на разговор на средбата во Софија меѓу министерот за надворешни работи Бујар Османи со неговиот бугарски колега, Николај Милков. Како што информираат од МНР, на средбата беа договорени конкретни механизми за превенција на говорот на омраза во двете земји, при што двајцата министри заемно се согласија дека не треба да се дозволи бројните провокации од групи и поединци во двете земји да го нарушат процесот на зајакнување на добрососедските односи. -Сакам да верувам дека заедно со колегата Милков ќе сториме сѐ за да не дозволиме други да ни ја водат надворешната политика, други на ди ги кројат билатералните односи, туку ние двајца, заедно со дипломатите од нашите министерства, во духот на европските вредности ќе продолжиме да градиме европска иднина за сите наши граѓани. Не треба да заборавиме дека сме ние актуелни сојузници во НАТО, идни партнери во Европската Унија, но пред сѐ пријатели и добри соседи, и очекувам нашата соработка да се развива соодветно, истакна Османи. Во рамките на средбата беше донесена и одлука за одржувањето на претстојниот Бизнис форум меѓу двете земји, во декември, на кој ќе разгледуваат начините за заедничко справување со најактуелните прашања какви што се енергетските предизвици, како и за соработката во земјоделието, во здравството, и за валоризирање на придобивките  од прекуграничната соработка. -За динамиката на меѓусебната соработка зборува и растот на трговската размена која за првите осум месеци од оваа година изнесува над 710 милиони евра, што е зголемување од точно 52 отсто во однос на истиот период минатата година и ја става Бугарија на петто место на листата на држави со кои имаме најголема трговска размена, нагласи Османи пред новинарите и додаде дека очекува со овој тренд до крајот на годината трговската размена да надмине една милијарда евра. На средбата, како што е наведено во соопштението, се направи пресек и на досегашните активности во однос на отворањето на Граничниот премин Клепало, како и на соработката на планот на културата, притоа јасно охрабрувајќи го интензивирањето на културната соработка која преку своите универзални вредности треба да дејствува во насока на зближување и градење пријателство меѓу двата народи. дма/нд/  

Остани поврзан