• четврток, 26 декември 2024

Османи-Гервала: Продлабочување на добрососедските односи во интерес на двете држави и нивната европска иднина

Османи-Гервала: Продлабочување на добрососедските односи во интерес на двете држави и нивната европска иднина
Скопје, 30 јули 2021 (МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во Скопје ѝ беше домаќин на вицепремиерката и министерка за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Грвала-Шварц, која престојува во официјална посета на нашата држава. - Тема на разговор беа и нашите заеднички амбиции: како од регионален аспект, за унапредување на регионалната соработка, така и во однос на евроатлантските амбиции на двете земји, чија иднина ја гледаме како полноправни членки на Европската Унија и НАТО, нагласи Османи и ја пренесе искрената поддршка што Северна Македонија ја има за членството на Косово во евроатлантските механизми за соработка и интеграција. Османи истакна дека нашата дипломатија е подготвена да ги стави на располагање искуствата во процесот на евроатлантска интеграција и искуствата во процесот на пристапување во ЕУ на Косово. За време на тет-а-тет средбата, како и за време на пленарните разговори на двете делегации, како што истакна Османи, се разговарало за различни билатерални прашања од взаемен интерес, при што беше искажано задоволство од континуираниот политички дијалог и посветеноста за градење и продлабочување на добрососедските односи, во интерес на двете држави и нивната европска иднина. Османи и Гервала го потврдиле интересот на двете Влади за што поскоро завршување на подготовките за одржување на заедничката седница на Владите на Северна Македонија и Косово, одложено поради парламентарните избори одржани во Косово, во почетокот на годината. Во рамките на седницата, се очекува да се потпишат повеќе усогласени текстови на договори, со што значително ќе се унапреди договорната  рамка и отворат нови перспективи за соработка. Двајцата министри се согласија дека е неопходно фокусот во наредниот период да се стави на  инфраструктурното поврзување во делот на транспорт и енергетиката, економијата и трговската размена, но и севкупно унапредување на соработката и во други области, како правдата, културата, здравството и други, беше нагласено на средбата. Косовската министерка, која е во прва официјална посета на С Македонија, од своја страна истакна дека има посебна врска со Скопје, бидејќи е родена тука и голем дел од детството го поминала во Скопје. - За мене ова не е обична билатерална посета, бидејќи во мојот пасош како место на раѓање секогаш пишува Скопје, јас сум родена во Скопје, го поминав детството, летував со дедо ми и баба ми во Скопје. Поврзана сум со овој град, поврзана сум со ова место, рече меѓудругото Гервала-Шварц на заедничката прес-конференција со шефот на дипломатијата Османи. нд/дма/

Остани поврзан