• петок, 27 декември 2024

Ослободен сицилијанскиот мафијаш кој го уби судијата Фалконе

Ослободен сицилијанскиот мафијаш кој го уби судијата Фалконе
Рим, 1 јуни 2021 (МИА) - Џовани Бруска, мафијашот што ја активираше бомбата со која беше убиен судијата Џовани Фалконе во 1992 година, е ослободен од затвор по издржување на 25-годишната казна, што предизвика гнев кај семејствата на загинатите.
Бруска беше уапсен во 1996 година, четири години по нападот во кој беа убиени Фалконе, неговата сопруга и тројца полицајци.
Откако стана соработник на власта, тој им помагаше на обвинителите во борбата против клановите на Коза Ностра.
Денес, 64-годишниот Бруска ја призна својата улога во повеќе од сто убиства, вклучително и она на 14-годишниот Џузепе Ди Матео, кој беше убиен и фрлен во киселина, бидејќи бил син на мафијашки соработник.
„Тој соработуваше со судството само за да добие нешто, тоа не беше лична, интимна одлука“, изјави Росарија Коста, вдовицата на полицаецот кој почина со Фалконе, за весникот „Кориере дела сера“.
Марија Фалконе, сестра на судијата, рече дека е „тажна“ поради таа вест, но додаде дека законот му дава за право на Бруска да биде ослободен од затвор.
Бруска им давал информации на истражителите за неколку смртоносни напади на Коза Ностра извршени во 80-тите и 90-тите години и сведочел во процесот околу наводните преговори меѓу италијанските соработници на власта и мафијата за крај на бомбашките напади.
Тој неколку пати беше привремено ослободуван од притвор, а по конечното ослободување ќе биде на условна казна четири години.
- Што и да се мисли за злосторствата што тој ги стори, постоеше и соработка. Да не заборавиме дека даваше информации за бомбашките напади во Сицилија и во централна Италија, рече Федерико Кафиеро Де Рахо, главен истражител во борбата против мафијата.
Некои италијански политичари го критикуваа ослободувањето на Бруска.
- Ова не е правда што ја заслужуваат Италијанците, рече Матео Салвини, поранешен министер за внатрешни работи и лидер на десничарската Лига. паг/

Остани поврзан