• четврток, 26 декември 2024

Осигуренци за еден месец наплатија 9 милиони евра од штети покриени со осигурување 

Осигуренци за еден месец наплатија 9 милиони евра од штети покриени со осигурување 

Скопје, 18 декември 2023

Најголемата штета во ноември вредна 900.000 евра е исплатена за осигуран имот. Дури 54% од бројот на исплатени штети се за надомест на медицински трошоци покриени со приватни здравствено осигурување. Во ноември компаниите за неживотни осигурувања исплатиле 2,8 милиони евра повеќе за штети покриени со осигурување во споредба со вредноста на исплатите во октомври годинава

Граѓани, компании и институции наплатија 550 милиони денари (9 мил.евра) за штети покриени со неживотно осигурување во ноември годинава. Во споредба со октомври вредноста на исплатените штети покриени со неживотни осигурувања е зголемена за 45 отсто, покажува споредбата на прелиминарните податоци што до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги доставуваат сите компании за осигурување. 

Во однос на истиот месец минатата година вредноста на исплатените штети е зголемена за 10 отсто, а повеќе детали се достапни на следниот линк https://aso.mk/mesechni-podatoczi-za-osiguruvanje-noemvri-2023-godina/

Од сите доброволни осигурувања најголемо учество во исплатите за ноември имаат штети на осигурен имот. Осигурителните компании исплатиле 132,3 милиони денари (2,15 мил.евра), а исплатени се вкупно 710 штети. Најголемата меѓу нив е со вредност од 56 милиони денари (900.000 евра) која една осигурителна компанија ја исплатила како  обештетување за настанат пожар во објект на компанија. 

За возила со каско осигурување осигурителните компании во ноември исплатиле 790 штети во вкупна вредност од 72,3 милиони денари (1,17 мил.евра). Тоа е за 28 отсто повеќе исплатени средства за штети во таа класа осигурување во споредба со истиот месец лани. 

Најголем број штети осигурителните друштва исплатиле по основ за приватно здравствено осигурување. Во ноември биле исплатени 6.773 оштетни побарувања за здравствено осигурување што е 54 отсто од сите исплатени штети во тој месец. За покривање на мецински трошоци во ноември се исплатени 66,6 милиони денари (1,08 мил.евра) и тоа е за 29 отсто поголем износ на исплати од истиот месец претходната година.

Кај најголемата класа – осигурување од автомобилска одговорност, која е задолжителна со закон, во ноември се исплатени 225,8 милиони денари (3,67 мил.евра). Во овој месец сите 11 компании за осигурување штети сервисирале и ликвидирале 2.845 пријави за обештетување покриени со осигурување.  

Во структурата на вкупно исплатени штети во ноември „Кроација осигурување – неживот“ учествува со 16,8 отсто, „Еуролинк“ со 9 отсто, „Евроинс осигурување“ со 6,6 отсто, „Граве неживот“ со 5,7 отсто, а „Македонија осигурување ВИГ“ со 11 отсто. Учеството на „Сава осигурување во вкупната исплата за ноември е 10 отсто, на „Триглав осигурување“ е 8,9 отсто, а на „Уника“ е 9,7 отсто. „Винер - ВИГ“ учествува со 11,4 отсто, „Осигурителна полиса“ со 4,9 отсто и „Халк осигурување“ со 6%. 

Од почеток на јануари до крај на ноември годинава сите 11 компании за неживотни осигурувања на осигуреници им исплатиле 3,9 милијарди денари (63,5 мил. евра). 

Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.

 

Фото: АСО

Дирекција за работи непосредно поврзани со Советот на експерти

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан