• вторник, 20 јануари 2026

Осветување на водите на реката Црн Дрим во Струга ќе почне во 11 часот, чинот ќе го води митрополитот Георгиј

Осветување на водите на реката Црн Дрим во Струга ќе почне во 11 часот, чинот ќе го води митрополитот Георгиј

Струга, 15 јануари 2026 (МИА) - Струга се подготвува за големиот христијански празник Богојавление - Водици. Осветувањето на водите и спуштањето на светиот крст во водите на Црн Дрим, в понеделник ќе почне во 11 часот на Чаршискиот мост, а ќе го изврши митрополитот на Дебарско-кичевската епархија г. Георгиј. 

Богослужбата во соборниот храм „Свети Ѓорѓи“, од каде и ќе тргне поворката, ќе почне во 7 часот и 30 минути, а поаѓањето кон Чаршискиот мост ќе биде во 10 часот и 30 минути. 

Отец Христијан Костоски од храмот „Свети Ѓорѓи“ упати апел до верниците да присуствуваат на литургија, да постапуваат во духот на црквата, достоинствено и без турканици да се учествува во празникот на откривањето на Бог - Света Троица.

- Верниците кои сакаат да се впуштаат по Светиот крст во водите на реката Црн Дрим најпрво да присуствуваат на Света литургија во соборниот храм „Свети Ѓорѓи“ од каде заедно со свештенството во Литија ќе се упатиме кон Чаршискиот мост, каде ќе го пречекаме нашиот надлежен митрополит г. Георгиј, кој ќе го изврши Богојавленскиот водосвет и положувањето на Светиот крст, истакна Костоски за МИА.

За безбедноста на капачите и годинава ќе се грижат волонтерите на Црвениот крст - Струга, од каде препорачуваат внимателно да се пристапува во студените води на реката Црн Дрим.

- Препорачуваме граѓаните да бидат внимателни, да им се даде простор на капачите, безбедно да влезат во студените води. Капачите пак со добра здравствена состојба без претходно конзумирање алкохол да пристапат во студените речни води, посочија од струшкиот Црвен крст.

Празникот Богојавление Водици масовно се одбележува во Струга. Секоја година голем број верници скокаат по Светиот крст во студените води на Црн Дрим, но голем е бројот и на оние што влегуваат во осветените води за здравје. Оној што ќе го фати Светиот крст се верува дека ќе има бериќетна година. сс/вј/
Фото МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан