• среда, 18 декември 2024

ОРМ: Нов модел за вработување лица со попреченост нема да ја подобри нивната инклузија, туку само ќе ги зголеми давачките

ОРМ: Нов модел за вработување лица со попреченост нема да ја подобри нивната инклузија, туку само ќе ги зголеми давачките
Скопје, 11 ноември 2021 (МИА) – Нов модел за вработување на лица со попреченост нема да ја подобри нивната инклузија, туку само ќе ги зголеми давачките, оценија Организацијата на работодававачи на Македонија (ОРМ) и Заедницата на заштитни друштва (ЗАПОВИМ) на денешниот состанок, во рамки на проектот „Деловен појадок“. Тие сметаат дека Законот за вработување на инвалидни лица во пракса носи и повеќе од очекуваните придобивки во областа на вработувањето на лица со попреченост, како од економски, така и од социјален аспект. -Пред да се размислува за воведување нов модел за вработување на лица со попреченост неопходно е институциите да направат сериозни и длабински анализи за тоа колку лица и со каков вид попреченост има во земјата, колку од нив се веќе подготвени низ формалниот процес на образование пред да се вклучат на пазарот на трудот, а колку треба да поминат низ стручна рехабилитација и поддршка за да стекнат соодветни вештини кои ќе им овозможат вклучување во работниот процес, велат од ОРМ и ЗАПОВИМ. Тие сметаат дека се неопходни и промени кои ќе обезбедат соодветен пристап на овие лица во образовниот систем со што тие би биле поподготвени за вклучување на пазарот на трудот, како последна фаза во процесот на нивната рехабилитација. Според нив, воведувањето нов модел без да се исполнат овие неопходни предуслови нема да ја зголеми инклузијата на лицата со попреченост во економијата, туку само ќе предизвика нарушување на постојниот систем за нивно вработување во заштитни друштва и ќе наметне дополнителен финансиски товар за целиот бизнис. -Во моментов на пазарот на трудот нема доволен број лица со попреченост кои би се ангажирале од страна на работодавците. Но, и покрај ваквата фактичка состојба се предлага нов Закон за вработување на инвалидни лица кој предвидува воведување задолжителна квота за вработување на лица со попреченост во сите приватни компании со над 20 вработени во земјата или во спротивно ќе мора да се плати соодветен надомест на државата. Сметаме дека на ваков начин работодавците од приватниот сектор ќе бидат ставени во ситуација да плаќаат поради тоа што на евиденција на невработени лица во Агенцијата за вработување нема доволно лица со попреченост, вели претседателката на ОРМ, Владанка Трајкоска. Членките на ОРМ и Заедницата на заштитни друштва – ЗАПОВИМ, како колективна членка, оценуваат дека воведувањето на оваа нова давачка е непотребно и крајно нелогично, затоа што, преку придонесот за вработување, компаниите веќе одвојуваат средства во Посебниот фонд за поддршка на вработувањето на лицата со попреченост кај сите работодавци, како и во заштитните друштва. -Со воведувањето на новиот модел станува неизвесна и судбината на овие друштва кои вработуваат повеќе од 5700 вработени, од кои над 2500 се лица со попреченост, а кои во изминатиот временски период покажаа дека можат успешно да функционираат и затоа треба да продолжат со својот развој, а не да бидат сведени на социјални претпријатија или на реха-центри, велат во соопштение од ОРМ и ЗАПОВИМ. Тие сметаат и дека постојниот Закон за вработување на инвалидни лица ја дава можноста работодавачите да вработуваат лица со попреченост во приватниот сектор, во јавни претпријатија, установи, агенции, фондови и останати субјекти, како и да се самовработуваат. -Она што недостига е поттикнување на вработувањето на овие лица со соодветни политики и активни мерки, како и искористување на постојните решенија во законот – за адаптација на работното место, работно оспособување, ангажирање на работен асистент и други решенија кои не се искористени во доволна мерка, оценуваат организациите.ир/лв/

Остани поврзан