• четврток, 26 декември 2024

Орден за воени заслуги за Трајан Гоцевски, Логистичката база на Армијата и Организацијата на резервни офицери

Орден за воени заслуги за Трајан Гоцевски, Логистичката база на Армијата и Организацијата на резервни офицери
Скопје, 18 август 2022 (МИА) - Претседателот и врховен командант на вооружените сили на Армијата Стево Пендаровски денеска по повод 30-годишнината на Армијата ги одликуваше со Орден за воени заслуги првиот министер за одбрана Трајан Гоцевски, Логистичката база при Армијата и Организацијата на резервни офицери. Гоцевски е одликуван со Орден за воени заслуги за неговиот придонес во формирањето на Армијата како легитимна и регуларна вооружена сила на Република Северна Македонија. Логистичката база при Армијата е одликувана за нејзиниот особен, стратешки и долготраен придонес во планирањето, координирањето, организирањето и извршувањето на логистичката поддршка на командите и единиците на Армијата со што овозможува успешно извршување на сите задачи во мир, војна и кризна состојба. Логистичката база, како што беше посочено на централната свеченост, својата подготвеност ја покажа и со низата активности во текот на справувањето со мигрантската криза и пандемијата на КОВИД-19. Со Орден за воени заслуги е одликувана и Организацијата на резервни офицери за нејзиниот особен придонес во изградбата и јакнењето на одбранбената способност на државата и афирмирањето на воената професија. Исто така, претседателот Пендаровски со указ го унапреди полковник Сашко Лафчиски во чин бригаден генерал и го постави полковник Васко Коколански за командант на Командата за обука и доктрини во Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија. бк/бак/

Остани поврзан