• четврток, 26 декември 2024

Организација од Куманово во соработка со европски организации изработија брошура наменета за лица со интелектуална попреченост

Организација од Куманово во соработка со европски организации изработија брошура наменета за лица со интелектуална попреченост
Куманово, 10 јули 2021 (МИА) - Граѓанската организација „АктивУм“ од Куманово во рамки на проектот „Едукативен метод што доведува до подобрување на вработливоста на возрасните лица со интелектуална попреченост“, заедно со соработници, граѓански организации од повеќе европски земји изработија брошура во лесно читлива форма за лица со интелектуална попреченост, соопштија денеска од организацијата. Брошурата, изработена во соработка со граѓански организации од Шпанија, Грција, Турција и Полска e наменета за едукацијата на возрасни лица со интелектуална попреченост за користење на различни мобилни апликации и е достапна на шест јазици. – Лицата со интелектуална попреченост ќе можат да добијат информации и можност за совладување на нови вештини во достапна и разбирлива форма. Со оглед на се поголемите можности кои ги нуди мобилната технологија, работиме да преку овие вештини лицата се охрабрат и бидат посамостојни при влегувањето на пазарот на трудот, изјави Марија Тошева од „АктивУм“. Надлежните од организацијата велат дека брошурата особено е важна за лицата со интелектуална попреченост кои се заинтересирани да бидат вработени на слободниот пазар на трудот или да ја задржат својата работа. – Исто така, изработивме и лесно разбирливи видеа што ќе го олеснат учењето за користење на овие апликации од страна на лицата со интелектуална попреченост, додава Тошева. Проектот, кој е финансиран од Еразмус + програмата во рамките на KA2 акција Образование на возрасни – Стратешко партнерство, се спроведува од октомври, минатата година. ам/аа/

Остани поврзан