• сабота, 16 ноември 2024

Организациите за заштита на медиумите реагираат по гестот на премиерот Рама кон новинарката на Сири ТВ

Организациите за заштита на медиумите реагираат по гестот на премиерот Рама кон новинарката на Сири ТВ

Тирана, 19 март 2024 (МИА) – Европските организации за правата на новинарите реагираа по денешниот гест на премиерот на Албанија, Еди Рама кон новинарката Амброзија Мета на прес-конференција, откако таа му постави прашање, јави Ора њуз, повикувајќи се на Гласот на Америка.

Европскиот центар за слобода на печатот и медиумите го нарекол неговото однесување „неоправдано“.

-Овој инцидент ги истакнува тековните предизвици со кои се соочуваат новинарките во потрагата по вистината, нагласувајќи ја итната потреба лидерите да ги почитуваат медиумите и да го задржат новинарскиот интегритет, се вели во реакцијата на овој центар на платформата „Х“.

За генералниот секретар на Европската федерација на новинари, Рикардо Гутиерез, однесувањето на Рама го ценил како „неприфатливо“.

Набљудувачката група за прекршување на слободата на медиумите во Европа, Media Freedom Rapid Respon, во објава пишува дека се „згрозени од гестот на г-дин Рама кон новинарката“.

-Не се работи за политика, се работи за основна учтивост. Лидерите треба да ги почитуваат медиумските работници наместо да ги заплашуваат оние кои ја бараат вистината, оценуваат од оваа група.

Групата на жени за слобода на печатот изјавиле дека не е првпат Рама да покажува презир кон печатот што го критикува.

-Ние стоиме покрај новинарката Мета и бараме Рама да се извини и да се однесува со почит кон новинарите, стои во објавата на оваа група на X.

Самиот Рама ги отфрли критиките, велејќи дека нема причина да се извинува, нарекувајќи ги тврдењата за несоодветен гест кон новинарката „целосно одвратна лага“, додавајќи дека го отфрла обвинението за презир кон печатот велејќи дека „покажувал целосна подготвеност на етичките, а понекогаш и неетичките новинари“ да одговара на нивните прашања.

Новинарката на Сири ТВ Амброзија Мета го налутила Рама, со прашања околу најавените инвестиции на зетот на Доналд Трамп и тоа дали ќе биде отстапен островот Сазан исто како Драч, каде се подаруваат земјиште и простуваат даноци … тој ја турнал и одбил да одговори, на што таа остро му одговорила „ве молам не допирајте ме“.

Истата новинарка го налути Рама и на крајот од прес-конференцијата, со еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји, на 29 февруари, кога Тирана беше домаќин на Самитот за Украина и оној Западен Балкан-ЕУ.

Таа тогаш го праша Рама „во кое својство на двата самита, присуствувал и Алекс Сорос и дали мора да биде присутен, не само на самитот, туку и на фамилијарната фотографија“.

-Заборавил да те праша тебе, отсечно и видно нервозно одговори Рама. вт/

Фото: принтскрин

Остани поврзан