Општините Ресен, Преспа, Пустец и Девол в петок ќе потпишат Меморандум за соработка и формирање Европска групација за територијална соработка
- Меморандум за разбирање и за формирање Европска групација за територијална соработка во прекуграничниот регион на Преспа, меѓу општините Ресен, Преспа, Пустец и Девол ќе потпишат четворицата градоначалници на настан што в петок ќе се одржи во Грција и домаќин ќе биде општина Преспа, а целта е општините од трите земји да се се заложат за заедничката визија за одржлив развој, заштита на животната средина и зачувување на културното наследство во конкретниот регион, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 25 ноември 2024 (МИА) – Меморандум за разбирање и за формирање Европска групација за територијална соработка во прекуграничниот регион на Преспа, меѓу општините Ресен, Преспа, Пустец и Девол ќе потпишат четворицата градоначалници на настан што в петок ќе се одржи во Грција и домаќин ќе биде општина Преспа, а целта е општините од трите земји да се се заложат за заедничката визија за одржлив развој, заштита на животната средина и зачувување на културното наследство во конкретниот регион, јави дописничката на МИА од Атина.
Иницијативата, како што информираа од општина Преспа, „има за цел да го направи Преспанскиот басен, кој со паркот Преспа стана првото прекугранично заштитено подрачје на Балканот, модел на иновативна прекугранична соработка и одржлив регионален развој за поширокиот регион“.
- Меморандумот ја поставува основата за зајакнување на соработката во области како што се одржливиот развој, заштитата на животната средина и зачувувањето на биодиверзитетот и културното наследство во регионот на Преспа. Во целите се вклучени подобрувањето на квалитетот на животот на жителите преку надградени општински и јавни услуги, колективно управување со природните и културните ресурси и справување со последиците од климатската криза. Дополнително, Европската групација за територијална соработка има за цел да го промовира регионот како туристичка дестинација врз основа на уникатното природно и културно богатство, информираа од општина Преспа во пресрет на потпишувањето на Меморандумот.
Дополнително објаснија дека Европските групации за територијална соработка се меѓудржавни организации засновани на правото на Европската унија кои ја олеснуваат соработката помеѓу регионите, општините и јавните тела од различни земји-членки и земји кандидати.
На настанот в петок, освен градоначалниците на четирите општини, ќе присуствува и амбасадорот на Европската Унија во Скопје Михалис Рокас, кој се очекува да го стави акцентот на улогата на ЕУ во промовирањето на прекуграничната соработка, а по потпишувањето на Меморандумот предвидена е посета на местото каде што од грчка страна ќе се гради новиот граничен премин меѓу Грција и Северна Македонија.
Градоначалникот на општина Преспа, Георгиос Стергиу посочи дека договорот меѓу четирит општини „не само што ја одразува колективната амбиција за регионот на Преспа, туку ја нагласува нашата посветеност за практични активности кои ќе ги подобрат животите на нашите граѓани“.
-Европската групација за територијална соработка Преспа ќе ни овозможи ефикасно да соработуваме за да го заштитиме нашето заедничко наследство и да создадеме нови можности за просперитет на сите три страни на границата, истакна Стергиу. ср/са/
Фото: Општина Преспа