• петок, 27 декември 2024

Општините од крајниот Исток се подготвени за Богојавление-Водици

Општините од крајниот Исток се подготвени за Богојавление-Водици
Делчево, 16 јануари 2020 (МИА) - Во Делчево, Берово, Македонска Каменица и Пехчево околу 100-тина лица се пријавиле за фаќање на чесниот крст, кој во недела ќе биде фрлен во водите на Брегалница, Писа и Каменичка Река. Најмногу од нив, околу триесетина, како што информираат свештениците, се пријавиле во Делчево.
-Водици или Богојавление е денот на кој според христијанското предание Св. Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. На овој ден, традиционално, во Македонија во речиси сите населени места, свештениците го фрлаат ритуалниот крст во некоја поголема вода - река, езеро или базен, а луѓето скокаат во водата и се обидуваат да го фатат крстот. Оваа година во Делчево имаме пријавено 30-тина лица кои ќе скокаат по крстот. До нив и сите кои ќе се пријават и на самиот ден упатуваме апел на овој ден во реката да се однесуваат достоинствено и во духот на христијанскиот празник, истакнаа од делечвското свештенство.
Од општината информираа дека годинава за среќниот фаќач на крстот ќе следува награда од 10 илјади денари додека награда најсреќниот учесник во традицијата ќе добие и од општествено одговорната компанија Зегин која доделува ЛЦД телевизор.
Свештениците од храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Македонска Каменица по повод големиот христијански празник Богојавление- Водици, ги известуваат сите верници кои ќе земат учество, во фаќањето на Чесниот крст да достават потврди од матичните лекари за нивната здравствена состојба до свештенството при храмот.
Крстот годинава ќе се фрла и во Берово. Во оваа општина за среќниот фаќач на крстот, општината доделува парична награда од шест илјади денари додека исто така компанијата „Зегин“ на среќниот фаќач на крстот ќе му додели телевизор.
Во Пехчево за најсреќниот учесник што ќе го фати богојавленскиот крст, предвидени се награди од локалната самоуправа која доделува ЛЦД телевизор, а за многубројните посетители на оваа манифестација, општината обезбеди бесплатни топли пијалоци. вс/ир

Остани поврзан