• среда, 25 декември 2024

Општина Штип за тековната година наплатила 30% од данокот на имот

Општина Штип за тековната година наплатила 30% од данокот на имот

Штип, 30 мај 2024 (МИА) - Речиси 18.000 решенија за данок на имот се испратени до граѓаните оваа година од страна на Општина Штип. Драган Каров вработен во Општина Штип денеска изјави дека со овие решенија предвидено е да се наплатат 54 милиони денари на име на данок на имот и тоа само за 2024 година. За првите неколку месеци наплатени се околу 30%. Праксата покажува дека даночните обврзници се подобруваат секоја година, и не се чека последен момент за наплата на данокот на имот. 

-Оваа година од пратените 17.900 решенија побарани се 54 милиони денари, досега од решенијата од 2024 година наплатени се околу 30% или 16 милиони денари. Крајниот рок за наплата е 15 ноември и сега ќе бидат изготвени опомените за претходните години, за оние кои ги немаат платено решенијата за претходните години и ќе бидат пратени до обврзниците. Мора да потенцираме дека даночните обврзници се подобруваат секоја година, последните две до три години наплатата постојано се зголемува, вели Каров. 

Општина Штип лани доставила околу 5.000 опомени до граѓаните. Каров посочува дека ако навремено не се плати данокот на имот, и по опомената следува присилна наплата. Тој истакна  дека оваа година се собира и данок на имот за претходните пет години, односно пари се собираат од граѓани од 2019 години. Претходната година данокот на имот во Штип се наплатил 107%, а парите од овој данок директно се вложуваат во капитални инфраструктурни проекти. вдј/аа/

Фото: МИА  

Остани поврзан