• петок, 27 декември 2024

Општина Центар со иницијатива за измена на Законот за градежно земјиште

Општина Центар со иницијатива за измена на Законот за градежно земјиште
Скопје, 15 јули 2022 (МИА) - Општина Центар ќе поднесе иницијатива за измена на Законот за градежно земјиште со која ќе предложи наместо со 30 отсто сопственост, да може да се дооформува земјиште со 70 процентна сопственост. Предлог-иницијативата за измена и дополнување на постојниот Закон за градежно земјиште вчера до советниците ја поднесе градоначалникот Горан Герасимовски во рамките на 12-тата седница на Советот на Општина Центар. - Општина Центар преку анализа на законското решение, а во рамките на овластувањата со што врши работи за располагање со градежното земјиште, до Министерството за транспорт и врски ќе ја поднесе Иницијативата за измена и дополнување на член 15 став 4 алинеја 3, член 51 став 1 алинеја 15, член 68 став 1, алинеја 3, член 68 став 3 и член 70 став 2 и 3 од Законот за градежно земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр. 15/15, 98/15, 193/15, 226/15, 31/16, 142/16 и 190/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 275/19), велат од локалната самоуправа. Со постојниот Закон за градежно земјиште, како што нагласуваат, предвидено е лицето кое има во сопственост повеќе од 30 отсто од градежната парцела, градежното земјиште во сопственост на државата да може да го отуѓи со непосредна спогодба за оформување на градежна парцела предвидена со урбанистички план или урбанистичка планска документација. Исто така, законот предвидува градежното земјиште во државна сопственост да се отуѓи со непосредна спогодба на сопствениците на објекти или посебни делови од објекти за кои е донесено решение согласно со Законот за постапување со бесправно изградени објекти врз основа на кое се запишани во јавната книга на недвижности. Ова се однесува и за градежното земјиште под објектот, односно делот од објектот за кој е донесено решение согласно со Законот за постапување со бесправно изградени објекти и за градежното земјиште кое се наоѓа во рамките на градежната парцела, а не претставува земјиште под објектот. - Општина Центар смета дека со постојното законско решение, во делот кога градежното земјиште сопственост на Република Северна Македонија се отуѓува за оформување на градежна парцела, земјиштето сопственост на државата не е во целост заштитено, односно е расцепкано поради што не може да биде предмет за реализација на капитален проект или друг објект од јавен интерес. Со иницијативата се предложува соодносот за оформување на градежна парцела да се смени и наместо сегашните 30 отсто од градежната парцела кои лицето подносител ги има во сопственост, да се изменат во 70 отсто, односно можност за откуп на градежна парцела да имаат само оние лица кои ќе поседуваат сопственост од минимум 70 отсто од градежната парцела, појаснуваат од општина Центар. По изгласувањето на иницијативата, како што велат, Општина Центар овој предлог ќе го достави до ЗЕЛС и Министерството за транспорт и врски, како надлежно министерство. Со оваа иницијатива, посочуваат, општината го заштитува државното неизградено земјиште, го заштитува јавниот простор и ги заштитува жителите на општината. вј/сп/

Остани поврзан