• среда, 27 ноември 2024

Општина Тетово побара МОН да и ги врати надлежностите за гимназијата

Општина Тетово побара МОН да и ги врати надлежностите за гимназијата

Тетово, 21 декември 2023 (МИА) - Раководителот на одделението за образование при Секторот за јавни дејности за Општина Тетово, Валидин Адеми, на прес-конференција побара од  Министерството за образование и наука да ги добие назад надлежностите за гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“. Тој образложи дека тоа го бараат со оглед дека проблемите во ова училиште не се решени половина година откако општината остана без надлежности.

-Денес учениците се вратија дома поради исклучена струја поради неподмирени сметки. Тоа е резултат на неспособноста на челниците на оваа институција и на Министерството за образование, кои неколку пати изјавија дека ќе ги платат сметките за нормално продолжување на наставата. Но всушност се случува спротивното. Општина Тетово нема надлежност ниту во тетовската гимназија, ниту во процесот на назначување ниту во управувањето бидејќи Министерството за образование ги презеде надлежностите од локалната самоуправа. Од друга страна, неспособноста на директорот на гимназија се јавува во исплата на платите на наставниците кои сè уште не зеле плата за ноември, што не се случува во училиштата кои се во надлежност на Општина Тетово, рече Адеми.

Тој го критикуваше Министерството за образование дека, како што рече, попусто ги одзело надлежностите на првиот човек на општината, а не го решило проблемот на гимназијата како што било ветено.

- Министерот за образование Јетон Шаќири одамна вети дека ќе ги исплати сите обврски кон ЕВН и дека нема да дозволи да се прекине наставата. Една недела пред крајот на првото полугодие се случува спротивното и дури се обидува да ја дезинформираат јавноста обвинувајќи ја локалната власт. Но на граѓаните, учениците и родителите им е јасно дека од  јули оваа институција е целосно управувана од Министерството за образование и директорката Теута Лала кои не се способни да ја средат тетовската гимназија и да ги вратат учениците во училишните клупи. Барам Министерството за образование да го реши проблемот или да ни ги врати ингеренциите и конечно да го решиме проблемот со долговите и со прекршоците на дотичниот директор, истакна Валидин Адеми.

На новинарски прашања зошто додека имаше надлежности општината освен за плати не пуштала други средства за гимназијата, Адеми одговори дека тоа е поради тоа што започнале судски процес против таа директорка „за финансиски малверзации“.

Како што претходно информираше МИА, гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово втор ден е без електричната енергија, така што нема затоплување во просториите и не се одржува настава. Директорката Теута Лала информираше дека снабдувањето со електрична енергија е исклучено од електродистрибутивната компанија поради неплатен долг.  Попладнево снабдувањето со електрична енергија повторно е овозможено. ас/хс/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан