• сабота, 23 ноември 2024

Општина Струмица официјално соопшти дека се откажува од членството во ЗЕЛС, Костадинов ќе поднесе оставка на функцијата во Управниот одбор

Општина Струмица официјално соопшти дека се откажува од членството во ЗЕЛС, Костадинов ќе поднесе оставка на функцијата во Управниот одбор

Струмица, 24 октомври 2024 (МИА) - Општина Струмица од денеска се откажува од членството во Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), а градоначалникот Костадин Костадинов ќе поднесе оставка на функцијата член на Управниот одбор. Напуштањето на ЗЕЛС е во знак на револт заради индиферентниот однос кон Струмица и нејзините граѓани во периодот кога тие се соочуваат со еден од најголемите предизвици - водата за пиење, којашто претставува основен елемент на животот, но и заради истиот однос по одбивањето од Владата на единствениот проект од Струмица за реализација со средства од унгарскиот кредит, соопштија денеска од локалната самоуправа откако синоќа ваквата одлука ја најави градоначалникот Костадин Костадинов.

Во соопштението се додава дека Општина Струмица како институција не е удостоена со ниедна писмена одлука од Владата и нејзините институции, а за нив дознавале од медиумите.

- Заради сето ова, го напуштаме ЗЕЛС, а членството ќе важи исклучиво за законските ингеренции на ЗЕЛС во однос на системите на општините, за се друго сме надвор од ЗЕЛС, стои во соопштението.

Од Општина Струмица наведуваат дека според Статутот на ЗЕЛС, оваа заедница ги застапува и брани интересите на своите членови пред Претседателот на Републиката, Собранието и Владата, министерствата и други институции во чија надлежност се работите од областа на локалната самоуправа.

- Но, досега, од појавувањето на проблемот со водата од 27 септември, ЗЕЛС не покажа апсолутно никаков интерес, иако е сведок дека надлежните државни институции, пред се Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство под чија надлежност е браната „Турија“ од која Струмица и 6 населени места се снабдуваат со вода за пиење, не мрдна со малиот прст, напротив, преку Агенцијата за храна и ветерина со анализите и резултатите од нив, си игра мајтап со струмичани, се посочува во соопштението.

За Општина Струмица ова е еден од најголемите скандали во Европа за повреда на човековите права и уставните права и слободи.

- Во заштита и интерес на моите сограѓани за нивното најголемо богатство-здравјето, ќе продолжам да се борам со сите сили и расположливи средства, потврдувајќи по кој знае кој пат дека тие ми се најважни и за нив компромиси нема да има. Јас како градоначалник, Општина Струмица, менаџерскиот тим и вработените во ЈПКД „Комуналец“ ќе продолжиме со нашата упорност во докажувањето на вистината дека водата е исправна и микробилошки и по хемиско физичкиот состав. Срамно и жално е да се тера политика врз здравјето на граѓаните на општина Струмица, срамно е да се јадат печени костени во Ново Село, а да не се покаже никаков интерес за најголемиот предизвик со којшто се соочува Струмица и нејзините граѓани, стои во пренесената изјава на градоначалникот Костадинов.

На крајот, како што се наведува во соопштението, стои дека „струмичани се познати по издржливоста во неправдите од власта предводена од ВМРО ДПМНЕ, ќе издржиме и сега и ќе излеземе победници од оваа скоро едномесечна голгота низ која минуваме во остварувањето на правото на чиста вода за пиење“. рт/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан