• сабота, 28 декември 2024

Општина Струга се вклучи во организацијата на Водици

Општина Струга се вклучи во организацијата на Водици
Струга, 18 јануари 2022 (МИА) – Општина Струга го поддржува празникот Богојавление – Водици, а за оној што ќе го фати светиот крст подготви подарок. Ова беше потврдено на денешниот состанок на градоначалникот Рамиз Мерко со претставници на организацискиот одбор, претставници на полицијата и останати релевантни институции. - Одделението за внатрешка контрола - Струга ќе го обезбеди јавниот ред и мир, движењето од храмот „Свети Ѓорѓи“, низ струшката чаршија до мостот, каде ќе се одвива осветувањето на водите на Црн Дрим, како и фреквентните улици низ градот во текот на целиот ден, соопшти општинската прес-служба. Општинската организација на Црвен крст - Струга обезбедила четворица спасители со опрема, а обезбедена е и екипа на Брзата помош и Територијалната против пожарна единица. - Екипите на ЕВН ќе го проверат теренот, а светлата кои се во реката Црн Дрим, ќе бидат целосно исклучени заради поголема безбедност, посочија од  Општина Струга. Осветувањето на водите на реката Црн Дрим, како што информираше отец Васко Голабовски, старешина во храмот „Свети Ѓорѓи“ ќе почне во 11 часот, а утрената литургија, во 7 часот и 30 минути, по што следува празничната литургија во 9 часот. Организацискиот одбор соопшти дека пријавувањето на капачите ќе биде утрото во 9 часот пред хотелот „Београд". Годинашни кумови на манифестацијата ќе бидат браќата Тoмче и Стефчо Голабоски, кои ќе бидат задолжени за целата организација. сс/цр

Остани поврзан