• сабота, 27 јули 2024

Општина Старо Нагоричане со средства од Владата ќе гради и реконструира повеќе патни правци

Општина Старо Нагоричане со средства од Владата ќе гради и реконструира повеќе патни правци

Куманово, 2 јануари 2024 (МИА) - Општина Старо Нагоричане за тековната 2024-та година има вкупен буџет од 153 милиони денари, информираа денеска надлежните. Од општината најавуваат реализација на повеќе проекти со средства обезбедени од Владата, од Министерството за транспорт и врски и од североисточниот плански регион и Бирото за рамномерен регионален развој. Предвидени се изградби и реконструкција на патишта кои поврзуваат села и населените места од руралната општина, како и инфраструктурни зафати на училиштата кои исто така ќе се реализираат преку проекти.

-Владата одвои 18, 5 милиони денари за изградба на патишта во нашата општина. Дванаесет и пол милиони за патишта во маали Бузинци и Мариевци, во село Младо Нагоричане и изградба на пат до Коинце за што се одвоени шест милиони денари. Со 2,5 милиони денари ќе се гради пат до Бајловце, изјави заменик градоначалник на општина Старо Нагоричане Бобан Цветановски.

Тој очекува градежните активности за реконструкцијата на дел од патот за Бајловце да почне кон крајот на јануари, тековната година.
Подготвен е и проект за делумна реконструкција на основното училиште „Светозар Марковиќ“ во Старо Нагоричане. Преку Бирото за рамномерен регионален развој и центарот за развој на североисточниот плански регион, предвидени се два проекти, уредување на речното корито на Пчиња во село Драгоманце како и реконструкција на стара зграда во близина на плоштадот во Старо Нагоричане и неколку стари дуќани.

Во декември, 2023 почна изградба на детско игралиште во маало Брадиновци. Во општината, изминатата 2023-та заврши и привршува изградбата на три патни правци помеѓу Коинце и Челопек, од Сув Ора до Карпино и од село Драгоманце до Стрновац. Инвестициите, сметаат надлежните обезбедуваат поврзување на селата, населението, побрз пристап до регионалните патишта од североисточниот регион и го подобруваат квалитетот на животот на жителите во руралната општина. ам/сст/


Фото: МИА и општина Старо Нагоричане

Остани поврзан