• сабота, 16 ноември 2024

Општина Охрид ги почна Илинденските чествувања

Општина Охрид ги почна Илинденските чествувања
Охрид, 1 август 2022 (МИА) - Со положување цвеќе пред споменикот на Илинденците во охридското село Велгошти, Општина Охрид вечерва ги почна чествувањата по повод Денот на Републиката - Илинден. На овој ден, според градоначалникот Кирил Пецаков, се будат сите дамари на секој Македонец, при спомнувањето на славната Илинденска епопеја и херојството на јунаците кои своите животи ги положиле на олтарот за слободна Македонија. - Во македонскиот јазик има еден доста интересен збор - јанѕа. Тоа е она што денес го чувствува секој Македонец - неспокој, немир од денешнината. Но, ве уверувам дека никој нема право на страв ниту ќе не уплашат опасностите кои се надвиснале над македонскиот народ. Затоа што на повикот за востание во 1903-та преку 2.000 охриѓани, застанале под македонското црвено знаме, на кое пишувало „Смрт или Слобода“. Денес ве уверувам дека сме многу, многу побројни и стоиме под едно друго знаме кое се вика - Македонија и само Македонија, зошто денешната генерација нема друга опција освен токму врз исконските Илинденски идеали да ја сочува Македонија и Македонскиот народ, рече Пецаков во своето обраќање. Честитајќи го, како што рече, овој светол и голем ден за македонската историја, која убеден сум ќе знаеме да ја сочуваме, посака илинденскиот идеал за слободна и праведна Македонија, да живее вечно. Илинденските чествувања ќе продолжат утре пред спомен - обележјата на Илинденците во градскиот парк, потоа кај Прентов мост и во селото Плаќе каде треба да се одржи историски час како и културно – уметничка програма. сс/вј/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан