• среда, 18 декември 2024

Општина Маврово и Ростуше објави јавен повик за доделување еднократен финансиски надоместок за студенти, кој сега изнесува 10 илјади денари

Општина Маврово и Ростуше објави јавен повик за доделување еднократен финансиски надоместок за студенти, кој сега изнесува 10 илјади денари

Дебар, 12 декември 2024 (МИА) - Општина Маврово и Ростуше денеска објави јавен повик за доделување еднократен финансиски надоместок за редовни и вонредни студенти од оваа општина, за една академска, кој сега изнесува 10 илјади денари, што е за 4 илјади повеќе во однос на претходните три години.

Со цел мотивирање на младите да го продолжат школувањето на високо образовните институции и да се трудат редовно да ги полагаат испитите, оваа можност, почна да се аплицира од академската 2021/22 години, и до сега ја оствариле 84 студенти.

-Како и до сега може да конкурираат редовни студенти, како и вонредни, но кои не се вработени, а се запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Северна Македонија за академската 2024/2025 година. Барањето може да се преземе преку линкот поставен на веб страницата на општината или во општината, изјави за МИА, Омер Муратоски, назначен службеник за млади.

Според него, еден од условите за остварување на ова право е студентот да не е во работен однос и да е жител на општина Маврово и Ростуше, не е потребен просек туку единствен услов е редовно полагање на испитите.

Барањата со потребните документи се доставуваат до 31 овој месец.

Студентот треба да достави важечки документ за идентификација (лична карта или патна исправа), потврда за редовен или вонреден студент, односно запишан или заверен зимски семестар (прв, трет, петти или седми семестар а за студентите од медицинските науки и деветти и единаесетти семестар, како и трансакциска сметка.

Општина Маврово и Ростуше од 2018 година еднократен паричен надоместок доделува и за секое новороденче, во семејства, кои живеат постојано на територијата на општината, кој од септември годинава изнесува 9.000 денари а четврта година по ред надоместок за секое прваче кое годинава изнесуваше 6.000 денари. вт/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан