• четврток, 26 декември 2024

Општина Куманово ќе вложува во дел од спортските објекти кои ѝ ги врати државата

Општина Куманово ќе вложува во дел од спортските објекти кои ѝ ги врати државата
Куманово, 27 март 2021 (МИА)- Општина Куманово ќе вложува во дел од спортските објекти кои претходно со одлука на Владата се вратени во владение на општината, најави градоначалникот Максим Димитриевски. Изминативе години со комплексот Соколана, градскиот стадион, Предвидена е и изградба на спортски игралишта во неколку населби од градот. - Сите објекти се вратени во многу лоша состојба. Дел од објектите се под заштита на државата, конзерваторскиот центар. Постапка за да се добие градежна дозвола за еден ваков објект за реконструкција или какво било преземање на градежни активности е сложена. Целта е да се задржи изгледот на тие заштитени објекти идентичен каков што бил, изјави Димитриевски. Тој информираше дека во постапка за одобрување е проектот за реконструкција на кровот и санација на објектот Соколана. - Општината обезбеди два милиони денари и изготви проект за реконструкција на спортската сала, тој е целосно завршен, аплициран во систем за добивање на градежна дозвола, повторно со Агенција за млади и спорт, ние како општина издвоивме седум милиони денари за реконструкција на кровната конструкција и дополнителни средства сè уште бараме, потребни ни се уште околу седум милиони денари за да се препокрие кровот и да се стави нов кров на спортската сала. Дополнително средства побаравме од Агенцијата за затоплување и ладење на спортската сала, така што одиме чекор по чекор, најави Димитриевски. Градскиот стадион е во незавидна состојба и според Димитриевски потребни се околу 300.000 евра само за рушење на постоечките трибини. Во моментов го користат за тренинг фудбалски клубови и школи. Стрелиштето, пак, најави Димитриевски не може да се биде функционален, бидејќи се наоѓа во заштитен појас на меѓународната пруга која се гради. - Имаме уште два спорни простори, а тоа се помошните игралишта на ЗИК во близина на спортска сала за кои општината води спор со приватните концесионери коишто имаат направено узурпација и на сила ги држат под владение самите објекти, општината води спор да ги напуштат објектите и верувам дека постапката кога ќе заврши на суд ќе можеме да влеземе и таму во инвестиција, потенцира Димитриевски. Општината вложуваше на три локации во изградба и реконструкција на спортски објекти, на спортските терени за кошарка и ракомет со изградба на тартан подлога, современи игралишта и монтажни трибини во три средни училишта. Завршена е и тендерската постапка за реконструкција на спортските терени во населбата Гоце Делчев, „Кошеви“, каде комплетно ќе бидат реконструирани двете спортски игралишта, за ракомет и кошарка. На игралиштето во село Долно Којнаре ќе се санира подлогата и кај училиштата „Вук Караџиќ“ и „Наим Фрашери“ ќе се гради ново игралиште. ам/свс

Остани поврзан