• четврток, 28 ноември 2024

Општина Куманово избира економски оператор за изработка на геодетска подлога неопходна за ГУП

Општина Куманово избира економски оператор за изработка на геодетска подлога неопходна за ГУП
Куманово, 19 април 2022 (МИА) - Општина Куманово очекува да заврши тековната тендерска постапка за избор на економски оператор кој ќе ги подготви ажурираните геодетски подлоги, неопходни за планската програма за изработка на Генералниот урбанистички план  (ГУП), информираа денеска надлежните од Секторот за урбанизам. -Планската програма е изработена текстуално, но, за да биде одобрена и спроведена потребно е да биде ставена и ажурираната геодетска подлога, изјави раководителката на секторот, Емилија Сларидис Јаневска. Минатата година, беше потпишан трипартитен договор помеѓу општина Куманово, Министерството за транспорт и врски и Агенцијата за планирање на просторот согласно кој Општина Куманово треба да ја обезбеди планската програма, која е доверена на стручните лица од јавното претпријатие „Куманово план“. -Програмата за урбанистичко планирање на територијата на општина Куманово за 2022 година, во којашто ние како општина обезбедивме средства за финансирање на изработката на ажурираните геодетски подлоги, меѓутоа за да биде спроведена како постапка за јавна набавка ни беше потребно потпишување на анекс на договор помеѓу општина Куманово, министерството за транспорт и врски и Агенцијата за планирање на просторот. Овој анекс на договор е потпишан на 3 март 2022 година. Веднаш е пристапено кон изготвување на тендерска постапка и во овој момент тендерската постапка е во тек за избор на економски оператор кој ќе ги изготви ажурираните геодетски подлоги, рече Сларидис Јаневска. Рокот за изработка на ГУП согласно потпишаниот договор е 36 месеци откако општина Куманово ќе ја достави одобрената планска програма на Агенцијата за планирање на просторот. Куманово ја почна постапката за изработка на ГУП пред две години. Постапката е сложена, скапа, но ќе понуди решенија за многубројните проблеми со кои се соочува градот изминативе децении, сметаат стручните лица. Планот треба да обезбеди нови сообраќајни решенија со кои ќе се реши метежот, формирање нови населби, повеќе зеленило, пешачки зони, ефикасен јавен транспорт, уредени простори, наменети за сите. Клучно е и граѓаните да ги кажат своите забелешки, затоа постапката во повеќе фази е транспарентна и инклузивна.ам/вј/

Остани поврзан