• петок, 25 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Општина Крива Паланка почнува акција за отстранување хаварисани возила 

Општина Крива Паланка почнува акција за отстранување хаварисани возила 

Крива Паланка, 14 април 2025 (МИА) - Инспекциските служби од Општина Крива Паланка мапирале 53 напуштени, нефункционални возила на подрачјето на општината, оставени на улици, паркинзи, тротоари и останати јавни простори, кои од утре натаму ќе бидат отстранети со акцијата што ќе се спроведе во соработка со МВР и компанијата „ДУО Греен Роад“ ДООЕЛ Скопје, овластен колективен постапувач со кој Општината има склучено договор.

- Од утре официјално почнува акција за отстранување хаварисани и отпадни возила од јавни површини на територијата на општината, кои узурпираат јавни паркинг-места, но и ја загрозуваат безбедноста на пешаците и сообраќајот, како и естетскиот изглед на просторот. Постапката за нивно отстранување ќе ја спроведат инспекциските служби и МВР, со поставување налепници за известување на возилата со рок од 10 дена за самостојно отстранување од страна на сопствениците. По истекот на рокот, следи опомена од 5 дена и доколку не се постапи и во овој рок, возилото ќе биде принудно отстрането, а сопствениците ќе се покрене постапка согласно законските прописи. Акцијата се реализира во согласност со Законот за управување со посебни текови на отпад, Законот за безбедност на сообраќајот и упатствата од Министерството за животна средина и просторно планирање, информираат од Општина Крива Паланка.

Оттаму упатија апел до сите сопственици на хаварисани возила поставени на јавни површини да ги отстранат во најкус можен рок и да придонесат кон почиста и побезбедна Крива Паланка, со напомена дека Одделението за инспекциски надзор при Општина Крива Паланка е отворено за сите дополнителни информации и пријави на локации на отпадни возила. ид/дма/


Фото: Општина Крива Паланка 

Остани поврзан