• недела, 24 ноември 2024

Општина Крива Паланка меѓу најуспешните локални заедници од Централна и Југоисточна Европа

Општина Крива Паланка меѓу најуспешните локални заедници од Централна и Југоисточна Европа
Крива Паланка, 22 октомври 2021 (МИА) - Општина Крива Паланка е меѓу седумте најуспешни локални заедници од Централна и Југоисточна Европа, кои во изминатата 2020 година инвестирале во подобрување на квалитетот на живот на граѓаните според Меѓународниот економски форум Перспективи и друштвото Промо Глобал.
Градоначалниот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, синоќа во Дубровник, Република Хрватска, присуствуваше на официјалната церемонија за доделување на наградите од страна на Меѓународниот економски форум Перспективи и  „Промо Глобал" за најуспешните локални заедници од ЦЈЕ за претходната  година што ги врачија директорката на „Промо Глобал“, Гордана Ковачевиќ и потпретаедателот на управниот одбор, Синиша Жариќ.
- Чест и задоволство е нашата општина да биде во ова одбрано и квалитетно друштво на седумте најуспешни локални заедници. Оваа награда се доделува на локални заедници што во претходната година постигнале најзначајни и видливи резултати во инвестирањето и подобрувањето на условите за живот на жителите во сопствената локална заедница. Крива Паланка се истакнува по изградбата на локална инфраструктура, подобрување на состојбите во еколошката сфера, управување со отпад, енергетска ефикасност и заштита на животната средина како и развој на спортот, спортската инфраструктура и младинското организирање и делување. Им благодарам на организаторите за препознавање на нашите заложби за вложување во иднината на нашата општина, истакна Мицевски.
Манифестацијата „Глобал локал" се организира по  седми пат, а награди се доделуваат во седум различни категории, меѓу кои и за најуспешните компании и претприемачи. Од Република Северна Македонија годинава беа наградени „Настел д.о.о" и „Флекс Пауер д.о.о", Скопје.ид/фф/

Остани поврзан