• недела, 24 ноември 2024

Општина Крива Паланка и Сребреник се збратимија

Општина Крива Паланка и Сребреник се збратимија

Крива Паланка, 22 декември 2023 (МИА) - Општина Крива Паланка и Сребреник, Босна и Херцеговина, од денеска официјално се збратимени, откако на свечена седница на Советот на Општина Крива Паланка градоначалниците на двете општини потпишаа Повелба за пријателство и соработка.

Градоначалнците Сашко Митовски и Аднан Бјелиќ, потпишаа повелба за збратимување и договор за меѓународна соработка, што предвидува различни видови соработка и линкови на меѓусекторско и институционално ниво, негување пријателство и заедништво за развој, благосостојба и взаемен интерес на заедниците.

На седницата присуствуваше и Амбасадорот на Босна и Херцеговина во Северна Македонија, Драган Јаќимовиќ.

-Ова ново пријателство меѓу двете општини значи нови трајни вредности што ќе останат да нѐ поврзуваат и нас како личности, но ќе остават траен печат и белег во времето за македонската култура и традиција како мост за поврзување на народите. Се отпочна со соработка и поканата од моја страна за настап во нашиот град на младиот талент, Ајдин Османовиќ и професорот Јасмин Брашниќ, од Сребреник. Ајдин ги освои срцата на илјадници Македонци ширум светот со изведбите на традиционални македонски народни песни. Таа соработка за краток временски период прерасна во вистинско пријателство, за да денеска, почитувајќи ги вредностите, градиме пријателства и соработка меѓу градовите и меѓу двете држави, рече градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Градоначалникот на Сребреник, Аднан Бјелиќ, потенцира дека  градот е горд на своите жители, Брашниќ и Османовиќ, кои се иницијална каписла за остварената соработка помеѓу Крива Паланка и Сребреник.

-Сребреник е град-лидер во производството на алуминиум во нашата земја, познат е по производство на храна, добри сме во спорт, култура, А во последните години, препознатлив по бројните музички таленти, од кои еден, е секако и Ајдин, кој е всушност и главната причина за спријателување на градовите и остварување на ова денешно збратимување. Ќе продолжиме да соработуваме и да правиме размена на искуства, да градиме соработка во различни области и во иднина, рече Бјелиќ.

-Истакна дека повелбата подразбира и соработка во заеднички проекти финансирани од Европската унија, заштита на природата и животната средина, екологија, како и ставање во функција на целиот потенцијал за градење одржливи проекти.

Професорот Јасмин Брашниќ рече дека ова збратимување ги обврзува со Ајдин да продолжат да ги носат и промовираат македонската народна песна, богатиот македонски музички мелос низ целиот свет. Професорот Јасмин Брашниќ и младиот, единаесетгодишен талент, Ајдин Османовиќ, вчера беа на прием и кај претседателот на државата, Стево Пендаровски. ид/сст/

Фото Општина Крива Паланка 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан