• четврток, 26 декември 2024

Општина Крива Паланка им додели бесплатни училишни униформи на сите ученици од градот

Општина Крива Паланка им додели бесплатни училишни униформи на сите ученици од градот

Крива Паланка, 7 октомври 2024 (МИА) - Сите ученици од основните и средното општинско училиште од Крива Паланка, од денеска имаат бесплатни училишни униформи, обезбедени со буџетски средства од училиштата.

Вкупно 1860 ученици добија по два комплети униформи, маици и дуксери, што ја прави Крива Паланка единствена општина што обезбедува бесплатни училишни униформи за сите ученици на подрачјето на општината.

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, денес лично им подели опрема на средношколците, каде се опремени 580 ученици од сите образовни години, додека двете основни училишта организираа и пригодна програма на која официјално беа промовирани униформите.

- Мерката е осмислена и донесена за директно да влијае врз домашниот семеен буџет, да не се прават дополнителни трошоци во семејствата, но пораката што сакаме да ја испратиме е дека дечињата не треба да се делат по ниту една основа, да нема разлики, поделби меѓу учениците. Во училишните клупи сите се подеднакво исти, а она што ве разликува нека бидат знаењата и вештините што секојдневно ќе ги понесете со вас оттука, од училиштето, од вашите наставници, им порача градоначалникот Митовски на учениците.

Униформите беа доставени и во знак на одбележување на Светската недела на детето, како и во чест на Денот на наставникот, 5 октомври, а настаните во училиштата се одржаа во пресрет на Денот на ослободувањето на градот, 8 Октомври и одбележувањето на значајниот јубилеј, 80 години слободна Крива Паланка, 

- Упатуваме порака дека ги уважуваме сите подеднакво: и учениците, но и наставниците, како учители за животот кои ги отвораат прозорците на иднината и несебично на секое дете му ја откриваат тајната за справување со идните предизвици што ги носи животот, додаде Митовски. иб/цр


Фото: Општина Крива Паланка 

 

 

Остани поврзан