• недела, 27 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Општина Крива Паланка започна со изработка на урбанистичка документација за изградба на мини ски-центар на Калин Камен

Општина Крива Паланка започна со изработка на урбанистичка документација за изградба на мини ски-центар на Калин Камен

Крива Паланка, 8 април 2025 (МИА) - Општина Крива Паланка официјално ја почна постапката за изработка на урбанистичко-планска документација за изградба на мини ски-центар со ски-лифтови на туристичкиот  локалитет Калин Камен на Осоговските Планини.

Денеска градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, заедно со стручните служби од општината оствари средба со проектантите, при што беше посочено дека со оваа иницијатива се поставуваат темелите за развој на нова туристичка дестинација во источниот дел на државата.

- Во изминатите три и пол години локалната самоуправа на општината веќе реализираше значајни активности на терен за овозможување подобри услови за развој на туризмот на овој локалитет, при што завршени се две фази од алтернативниот пат од Б'з Кошари, кон Калин Камен, обезбедени се проектна документација и финансиски средства за изградба на адреналински парк на Калин Камен, изработена е проектна документација за водоводна линија Калин Камен – Варовиште – Кркља, обезбедена е техничка документација и поднесена апликација за реконструкција на патот од манастирот св.Јоаким Осоговски до Калин Камен, донесен е урбанистички план со намена за дозволи за градба за хотелско сместување, со веќе издадени две дозволи за градба, урбанистичко-планската документација за типска викенд - населба од 60 куќарки  е во завршна фаза, посочуваат од службата за комуникација со јавноста при Општина Крива Паланка.

Општината има донесено и урбанистичко- планска документација за хотелски капацитети на локацијата кај езерцето, со површина од 27.000 метри квадратни.ид/са/

Фото: Општина Крива Паланка / МИА архива



 

Остани поврзан