• среда, 27 ноември 2024

Општина Крива Паланка додели по 3000 денари за секој матурант од градот

Општина Крива Паланка додели по 3000 денари за секој матурант од градот

Крива Паланка, 14 мај 2024 (МИА) - Во пресрет на матурската прослава на средношколците од завршните години од средното општинско училиште "Ѓорче Петров", Крива Паланка, денеска им беа доделени по 3.000 денари еднократна сума средства од општинскиот буџет преку мерката за поддршка на млади, воведена минатата година.

-Како убава честитка по повод матурирањето, денеска сите 134 матуранти од средното училиште во нашиот град ги добија финансиските средства од една од мерките за поддршка на младите. Ова е втора генерација матуранти кои од буџетот на Општината добиваат по 3.000 денари, еднократна парична помош во пресрет на матурската прослава. Младите се во фокусот на работата на општината, младите се иднината, а нивните успеси се наша заедничка радост, истакна градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Матурското дефиле низ главната улица, централниот настан во организација на општината наменет за генерацијата матуранти 2020-2024 на градскиот плоштад и забавата за нив ќе се одржат во четврток, 16 мај 2024.

Од Општина Крива Паланка посочуваат дека со новововедените програмски мерки за млади, втор година по ред се овозможува и финансиска поддршка на сите првачиња, 3.000 денари, младите имаат можност да аплицираат за субвенции од општинскиот буџет за набавка на лаптоп или компјутер, субвенции за купување велосипед, по 5.000 денари се доделуваат еднократно за секое новороденче од Крива Паланка, младите брачни парови можат да аплицираат за субвенции за набавка на количка за бебиња, субвенции се достапни и за превоз на студенти, а исто така општината воведе и бесплатно користење термини на спортските терени во градот за младите.

Сите мерки што се воведени и усвоени од страна на Советот на Општина Крива Паланка се објавени и јавно на општинската веб-страница www.krivapalanka.gov.mk, а за информации е достапно и лицето задолжено за спроведување и реализација на истите, службеникот за млади во локалната самоуправа на општината. ид/сст/

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан