• сабота, 23 ноември 2024

Општина Крива Паланка денеска прославува 79 години од ослободувањето

Општина Крива Паланка денеска прославува 79 години од ослободувањето

Крива Паланка, 9 октомври 2023 (МИА) – Со свечен прием, свечена седница на Советот, положување цвеќе на споменикот на паднатите борци од НОБ и Академија на која ќе биде врачена годинашната Осмооктомвриска награда, Општина Крива Паланка денеска одбележува 79 години од ослободувањето.

На прославата на Денот на ослободување на Крива Паланка присуствуваат бројни соработници на локалната самоуправа и на градоначалникот на Општина Крива Паланка, а присустваат повеќе од четириесет делегации од амбасади, амбасадори, министри во Владата, делегации од збратимените градови, локални институции, здруженија и организации.

-8 Октомври е датум испишан со златни букви во историјата на Крива Паланка, симбол на незаборавот за борбата на хероите што загинале за нашата слобода, ден - споменик на почитта кон нивните херојски лик и дело. Денес гордо и со радост празнуваме 79 години слободна Крива Паланка, оддаваме почит на сите херои што беспоштедно ги дадоа сопствените животи на пиедесталот на иднината, како подарок и завет за сите идни генерации. Затоа, ние непоколебливо и смело го продолжуваме тој пат, тоа неуморно бдеење над денешнината за уште поубав и подобар живот на младите, рече градоначалникот Митовски.

Градот, истакна тој,  се развива со силно темпо.

-Креираме и реализираме проекти што ја менуваат сликата на градот и тоа го правиме секојдневно, а и денес, на денешната Свечена седница, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, потпишавме Меморандум за проектот „Проширување и рехабилатија на централна градска улица од населба Единство до Соларски Мост“. Проектот е вреден 40 милиони  денари, обезбедени од Светска банка и Министерство за транспорт и врски. Овој проект ќе го промени ликот на централното градско подрачје, ќе го реши проблемот со сообраќајниот метеж и ќе биде новиот урбан проект со кој сите ќе се гордееме, рече градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.

Митовски рече дека Денот на градот се слави и со создавање на ликот на нова, модерна, европска Крива Паланка.

-Потврда за тоа е и новиот ГУП што денеска е донесен од страна на советниците и дава отворени можности за урбан развој на општината. Носиме нов ГУП по речиси 50 години, бидејќи досега општината работеше по стар од 1976 година, додаде Митовски.

Попладнево ќе се одржи Свечена академија на која ќе бидат доделени највисоките Осмооктомвриски општински награди и признанија. ид/вг/

Остани поврзан