• петок, 27 декември 2024

Општина Кочани ќе реализира еколошки проекти со поддршка од германската покраина Северна Рајна Вестфалија

Општина Кочани ќе реализира еколошки проекти со поддршка од германската покраина Северна Рајна Вестфалија

Кочани, 13 септември 2024 (МИА) – Локалната самоуправа на Кочани воспоставува соработка со германскиот град Кастроп Рауксел за да реализира заеднички проекти од областа на екологијата и промоциј на туризмот, а што дополнително треба да бидат определени со поддршка од граѓанскиот сектор од нашата општина.

На првата работна средба што денеска се одржа во Мултикултурниот центар во Кочани, а на која присуствуваше и германскиот координатор Штефан Тројхе, беше истакнато дека финансиската поддршка за реализација на проектот е обезбедена преку Фондот за мали грантови на покраината Северна Рајна Вестфалија.  

-Наша цел е да реализираме проекти со кои ќе се искористат и афирмираат природните потенцијали што ги имаат општината и регионот. Всушност, оваа почетна соработка и поддршка од германските партнери е добра можност за да се квалификуваме за втората фаза од проектот на Фондот. Од нашите пријатели од Кастроп Рауксел очекуваме размена на искуства, особено во искористувањето на геотермалните ресурси со кои располагаме, истакна градоначалникот нa Кочани, Љупчо Папазов.

Средбата во Кочани, на која присуствуваа претставници од образовните институции, од општинската администрација и од невладиниот сектор, имаше и интерактивен карактер. Притоа, учесниците даваа предлози за спроведување еколошки акции, развој на екотуризмот и управување со водите и речните текови во општината, како и за образовни проекти во оваа област.

По почетните контакти, со германската финансиска поддршка ќе се изработи и физибилити студија за потенцијаталите на општина Кочани, а во наредниот период ќе следуваат тематски средби и посети на наши и претставници од Кастроп Рауксел, за продлабочување на соработката. та/дма/

фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан