• четврток, 26 декември 2024

Општина Кисела Вода и УНДП времено ангажираат негуватели за стари лица

Општина Кисела Вода и УНДП времено ангажираат негуватели за стари лица
Скопје, 16 август 2021 (МИА) - Заврши јавниот оглас за ангажирање на негуватели за стари лица преку програмата „Општинско-корисна работа“ од проектот „Се грижиме за возрасните”, што Општина Кисела Вода ја спроведува во соработка со УНДП. Избраните апликанти ќе бидат задолжени за помош на стари лица кои живеат сами во домашни услови и имаат потреба од помош во извршување на секојдневните обврски и активности. Од Општина Кисела Вода информираат дека ангажираните, од септември, во период од девет месеци, ќе им помагаат на старите лица еднаш до два пати во текот на неделата во времетраење од два до четири часа околу одржување на хигиената во домот, набавка на потребните прехранбени производи и лекови, придружба при посета на лекар, фризер, прошетка, плаќање сметки и други потреби. -Согласно условите во проектот, евидентираните невработени лица кои ќе бидат вклучени во програмата „Општинско-корисна работа“ ќе бидат работно ангажирани со скратено работно време од дваесет работни часови неделно. Оние кои немаат сертификат или уверение признаени од релевантните институции за стекнати вештини или компетенции за занимања од социјалната и здравствената сфера, согласно услугата која треба да се испорачува, прво ќе добијат обука, стои во соопштението. За овој работен ангажман, негувателите ќе добијат паричен надомест во висина од 9.000 денари бруто износ за времетраењето на обуката и работното ангажирање. Средствата се обезбедени преку финансиско партнерство на локалната самоуправа со УНДП, каде УНДП учествува со 80 проценти од финансирањето. Општина Кисела Вода, преку Секторот за локален економски развој го спроведува овој проект во соработка со УНДП уште од 2015 година. Преку него, досега беа времено ангажирани дефектолози, логопеди, негуватели, лични и образовни асистенти.свс/лв/

Остани поврзан