• четврток, 26 декември 2024

Општина Кисела Вода го вработи првото лице со Даунов синдром

Општина Кисела Вода го вработи првото лице со Даунов синдром

Скопје, 21 март 2023 (МИА) - Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска потпиша договор за вработување со Стефан Трпковски, кој е првото лице со Даунов синдром што ќе работи во оваа Општина.

- Стефан му раскажа на градоначалникот за своите таленти, за кошарката која била негова прва љубов, за модерните танци и освоеното второ место  на Специјалната олимпијада за танцови игри, за пливањето кое веќе 10 години е негово хоби. Кажа дека се подготвува да плива на Параолимпијада во Берлин, каде задно со уште три други деца ќе ги брани боите на Македонија. Посака и во својата земја да постојат такви натпревари, стои во соопштението на Општина Кисела Вода.

Оттаму информираат дека Општината денеска се отворила и за други лица со Даунов синдром, каде што десетина од нив кои се дела од здружението „Трисомија 21“ помагале на вработените на шалтерот, издавале документи, го следеле процесот со архивирање предметите и разговарале со странки.

- За жал, Дауновиот синдром, кој Светот го одбележува денеска, во Македонија сѐ уште е табу тема. На овие простори, преовладуваат стереотипи, кои овие лица ги држат на маргините на општеството. Интересно и крајно полезно е да ги запознаеме, да видиме каква е желбата кај нив, со каква трудољубивост настапуваат кога треба да совладаат некаква вештина, истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Тој апелира до сите останати единици на локалната самоуправа, но и до институциите од централната власт, да го следат чекорот на Општина Кисела Вода и да овозможат вработување на лица со Даунов синдром. сх/сп/

Фото: Општина Кисела Вода (од инсертите)

Остани поврзан