• сабота, 23 ноември 2024

Општина Карпош ќе отвори Канцеларија за дијаспора за брзо решавање на проблемите на иселениците

Општина Карпош ќе отвори Канцеларија за дијаспора за брзо решавање на проблемите на иселениците
Скопје, 24 ноември 2022 (МИА) – Општина Карпош ќе отвори канцеларија за дијаспора преку која иселениците од оваа општина ќе можат побрзо да ги решаваат нивните проблеми не само во општината, туку и секаде во администрацијата. Ова денеска беше договорено меѓу градоначалникот Стевчо Јакимовски и министерот за дијаспора Џемаил Чупи. Со договорот потпишан од страна на градоначалникот Јакимовски и министерот Чупи предвидено е општинската канцеларија за соработка со дијаспората да има посредничка улога и истата би служела како центар во кој на иселениците од Општина Карпош ќе им се овозможи пристап до потребни информации и дополнителни насоки по основ на нивните права за соодветните постапки пред надлежните институции. - Посебно задоволство ми е што денеска ми е гостин министерот за дијаспора и што го потпишавме овој договор со кој се обврзуваме како локална самоуправа да назначиме посебно лице односно да имаме своја канцеларија со комплетна техничка опременост којашто ќе комуницира со нашата дијаспора односно со сите граѓани од Општина Карпош коишто живеат надвор од Република Македонија во смисла на решавање на нивни проблеми, не само во општината, туку и секаде во администрацијата. На таков начин сакаме да им олесниме комуникацијата со земјата матица, но во исто време кога ќе доаѓаат овде на одмор или да не посетат во Македонија, да не ги губат деновите по нашите административни лавиринти, туку напротив, сè што имаат потреба во најголем дел да биде завршено или да бидат точно упатени каде треба да ја завршат, за да имаат повеќе време да се видат со своите роднини, со своите пријатели. Посебно ми е задоволство што можеме да дадеме свој придонес во оваа одлична идеја што ја има министерот за дијаспора, нагласи Јакимовски. Министерот Чупи посочи дека овие функционални канцеларии се осмислени да имаат посредничка улога. Тие ќе бидат прво поврзување на централната со локалната власт и невладините организации се со цел да се излезе во пресрет на дијаспората. - Потоа е предвидена помош за забрзување на постапки при спорни предмети и прашања од нашата дијаспора и на крај во соработка со министерството за информатичко општество и администрација вработениот определен од Општина Карпош ќе има тесна соработка со вработениот од ова министерство каде што ќе се олесни постапката за електронски услуги на веб-страницата на владата uslugi.gov.mk каде што имаме повеќе од 80 електронски услуги. Нашата дијаспора за време на престојот во татковината ќе има можност да добие асистенција за истите. Првично ќе биде центар или канцеларија за информирање и насока на нашата дијаспора, потоа ќе биде канцеларија каде што спорните предмети од нашинците кои доаѓаат од Општина Карпош ќе им се забрзува постапката и ќе добијат адекватни одговори од државните институции, а на крај ќе имаат асистенција при пополнување на електронските услуги, рече Чупи, која му се заблагодари на градоначалникот на Општина Карпош што ја прифатил оваа многу важна иницијатива за нашинците во дијаспората. Од општина Карпош посочуваат дека Канцеларијата за соработка со дијаспората ќе има повеќе надлежности и одговорности, меѓу кои: да ја информира дијаспората за сите нивни права и обврски за време на нивниот престој во матичната држава; да создава можности за полесен пристап до административните услуги на дијаспората за време на нивниот престој во матичната држава; да помага при изготвување база на податоци за бизнис дијаспората за развој на соработката со бизнис заедницата во Македонија, односно за привлекување на странски инвеститори. Освен тоа Канцеларијата ќе иницира соработка на локални организации со организации од дијаспората. Потоа, да се поттикне „дијаспора туризам“ преку промотивни активности во туризмот, да информира, односно да ја промовира наставата по мајчин јазик за децата во дијаспората како претпоставка за зачувување на културниот и јазичниот идентитет, како и да води евиденција за бројот на дипломирани студенти од локалната дијаспора, велат од општина Карпош.ир/са/

Остани поврзан