• среда, 25 декември 2024

Општина Карпош ќе инвестира над 1,6 милиони евра за инфраструктурни зафати во населба Бардовци

Општина Карпош ќе инвестира над 1,6 милиони евра за инфраструктурни зафати во населба Бардовци

Скопје, 19 октомври 2024

 

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска најави дека во текот на годината во населеното место Бардовци ќе се случат инвестиции во инфраструктура во висина од над 1,6 милиони евра, поточно во фекална и атмосферска канализација, водоводна мрежа, асфалтирање и поплочување на улици.

Тој нагласи дека локалната самоуправа мора да одговори соодветно на потребите за изградба на нова инфраструктура, имајќи предвид дека ова е урбана заедница која забрзано се развива, при што постои голем интерес кај граѓаните за изградба на индивидуални и колективни домови на оваа територија.

- Во моментот, во оваа населба вршиме асфалтирање и поплочување на улици кои што се веќе постоечки, сѐ со цел да го подобриме квалитетот на живот на граѓаните. Вршиме реконструкција на интегрирана сообраќајна површина на улица 14 и крак од улица 4 во вредност од 560.000 денари. Исто така реконструкција на крак 2 и крак 3 на улица 10, реконструкција на крак 1 и крак 2 од улица 3 и улица 6, како и реконструкција на сообраќајна површина на улица 2. Сето ова го изведува фирмата Битем, а вкупната вредност на овие инвестиции изнесува 3,5 милиони денари – објасни Јакимовски.

Првиот човек посочи дека Општината има подготвено проекти со кои аплицираше за средства кои ги одобрува Владата на Република Македонија во вредност од 82 милиони денари. Оттука, средствата ќе бидат наменети за изведба на улична мрежа на новопроектирана улица 6, како и канализација и асфалтирање на улица 1687. Исто така, со овие средства се предвидува изградба на фекална канализација во овој дел како и во Нов пат, и изградба на канализација на новопроектираните улици „З“ и „Е“ кои се предвидени со блокот на УПС Бардовци, поточно во фаза градежништво, водовод, канализација и електрика, што подразбира и ново улично осветлување.

- Во таа насока подготвуваме нови проекти кои се веќе нарачани за реконструкција на улица 2, на крак 4, на крак од улица 8 и на крак од улица 18. Воедно, сакам да најавам дека се подготвува и урбанистички план со кој во оваа урбана заедница ќе се предвиди мал трговски центар со спортски терени, со кафетерии, продавници, центар за снабдување итн. Ова го говорам од причина што овој дел не може да биде само за живеење, туку граѓаните мора да имаат место за забава, но и услови каде секојдневно ќе се снабдуваат со продукти. Направивме максимум за овие луѓе да имаат каде да спортуваат и да се рекреираат, а од аспект на образованието и воспитанието извршивме целосна реконструкција на ООУ „Аврам Писевски“ и изградивме градинка која работи над максималниот капацитет, што значи дека ќе ни треба и проширување на оваа предучилишна установа – прецизираше Јакимовски.

Тој објасни дека локалната самоуправа мора да биде во чекор со времето, решавајќи ги проблемите на бардовчани, со што се создаваат поволни услови за оваа урбана заедница да биде подеднакво развиена како и останатиот дел од општината.

- Во исто време сакаме да придонесеме за луѓето што имаат тука имот, да им се зголеми вредноста, и на тој начин да ги задоволиме апетитите на сите граѓани – додаде градоначалникот Јакимовски.

Одделение за односи со јавноста

ОПШТИНА КАРПОШ

Фото: Општина Карпош

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан