• среда, 25 декември 2024

Општина Карпош со поддршка за културно-образовни активности

Општина Карпош со поддршка за културно-образовни активности

13 февруари 2024 

Во рамки на 41. седница на Советот на Општина Карпош која се одржа во просториите на У.З. „Кузман Јосифовски Питу“, советниците ги разгледуваа актуелните предлог – точки кои се најдоа на денешниот дневен ред. Оттука, членовите на Советот ја поддржаа Одлуката за одобрување на финансиски средства во висина од 200.000 денари, за организирање на изложба на фотографии во организација на реномираниот македонски скулптор Сашо Саздовски. Станува збор за изложба на околу 2.000 (досега необјавени) фотографии, насловена како „Носталгија за младоста и животот во некогашно Скопје“, која треба да се одржи во музејот на Град Скопје.

 

Позитивно мислење од советниците доби и Одлуката за одобрување на финансиска поддршка во износ од 100.000 денари, кои ќе бидат наменети за Граѓанската Асоцијација - Клуб на историски возила „Буба Клуб Македонија“, за организирање на прослава на годишнина од првиот собир, Светскиот ден на Бубата, пикник и новогодишен собир, како и организирање на самостоен олдтајмер собир на територијата на Општина Карпош.

 

„Зелено светло“ доби и Одлуката за одобрување на финансиски средства во висина од 180.000 денари како поддршка, за учество на ученик од Карпош на престижниот натпревар по математика Коперникус, кој ќе се одржи од 14 до 18 јули на Колубимја универзитетот, во Њујорк (САД).

 

Едногласно, советниците ги поддржаа и Предлог – Решенијата за давање на согласност на Годишниот план за вработување за 2025 година, кој се однесува на детските градинки и основните училишта кои се наоѓаат на територија на Општина Карпош.

 

Со мнозинство гласови беше изгласана и Одлуката за одобрување на финансиска поддршка во висина од 30.000 денари, за учество на регионална конференција наменета за воспитувачи, учители, наставници и стручни соработници, која ќе се одржи во Бања Лука (БиХ). Станува збор за две просветни работнички (по предметот Биологија и Англиски јазик) од ООУ „Петар Поп Арсов“, кои во рамки на конференцијата треба да го примат признанието за најдобри наставници на просторот на поранешна Југославија. Со истата динамика беше изгласана и Програмата за активностите на Општина Карпош во областа на образованието за 2024 година.

 

Одделение за односи со јавноста

Општина Карпош

—————————————————————————————————————————

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Општина Карпош

Остани поврзан