• среда, 27 ноември 2024

Општина Карпош доби детална студија за зеленилото на својата територија

Општина Карпош доби детална студија за зеленилото на својата територија

Скопје, 29 јануари 2024 (МИА) - На барање на Секторот за екологија и енергетска ефикасност од Општина Карпош, тимот професори од Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје, изработи Студија за урбаната дендрофлора во рамки на оваа локална самоуправа.

- Истражувањето кое го спроведоа професорите Бојан Симовски, Иван Минчев и асистентот Владимир Стојановски е изведено како нераскинлив дел од зеленилото во општина Карпош кое е застапено по градски четврти, а е во согласност со ГУП-от на Град Скопје за периодот 2012 – 2022 година. Ваквиот начин на анализа овозможува реални показатели за квалитетот на живот на карпошани, од аспект на застапеното урбано зеленило кое се наоѓа во нивното непосредно животно опкружување, информира Општина Карпош.

Според официјалните податоци од Зелениот катастар на Град Скопје, од вкупно евидентираните дрвја во главниот град, 27,8 отсто (22.362 дрвја) се наоѓаат на територија на Карпош, додека пак бројот на грмушки на територија на општината изнесува 7.942 примероци или 17,5 отсто од вкупниот број грмушки на градско ниво.

Во анализата на урбаната дендрофлора на локално ниво се наведува дека зелените површини во општина Карпош не се само естетски додатоци на урбаниот пејзаж, туку тие претставуваат клучни компоненти на локалниот екосистем.

Со изработката на оваа студија Општина Карпош, како што се наведува, добива релевантни податоци и показатели, во која насока треба да ја гради долгорочната стратегија за развој на екологијата и одржувањето на здравата животна средина.

Целосната Студија за урбаната дендрофлора во Општина Карпош може да се  разгледа на следниов линк: https://bit.ly/3UpL8xA  мд/аа/

Фото: Општина Карпош 

 

 

 

Остани поврзан