• недела, 10 ноември 2024

Општина Кавадарци со задолжувања за месните заедници за заштита од пожари

Општина Кавадарци со задолжувања за месните заедници за заштита од пожари
Кавадарци, 5 август 2021 (МИА) - По појавата на пожари и високите температури на целата територија на Република Северна Македонија, а се со цел да не дојде до избувнување на пожари кои би предизвикале големи материјални штети, како и загрозување на животот на граѓаните, Општина Кавадарци денеска излезе со задолжувања за месните заедници. - Членовите од месната заедница да го следат и навреме да ја спречат појавата од пожари на подрачјето на територијата на месната заедница. Членовите на месната заедница да внимаваат да не се палат огнови, скари, да не се фрлаат догорчиња на отворен простор и да не се складираат материјали кои се самозапаливи и запаливи, како и редовно да се проверуваат и одржуваат инсталациите и уредите кои можат да бидат причина за настанување на пожар. Членовите од месната заедница да соработуваат со другите надлежни институции заради превенција од ширење на пожари, велат од локалната самоуправа, потсетувајќи дека во тек е мерка забрана за движење во шумски предели. Од општината посочуваат дека споменатите задолжувања се со цел да се спречи зголемениот ризик од пожари од високите температури и портокаловата фаза со која е зафатен нашиот регион, како и големиот број на локални пожари кои што се активни на територијата на Република Северна Македонија. Од локалната самоуправа апелираат на совесно однесување на сите останати жители и сите сопственици на приватен имот, кадешто, како што велат, општината нема ингеренции да интервенира, за одржување на својот двор и плац и превентивно делување во насока на заштита на пожари. - Во случај на појава на пожар, граѓаните веднаш да ги известат надлежните служби.  Кол-центар на 13300 и Територијалната противпожарна единица на 193, нагласија од општината. свд/фф/

Остани поврзан