• сабота, 23 ноември 2024

Општина Илинден ќе гради атлетска патека, атлетичарот Дарио Ивановски на прием кај градоначалникот

Општина Илинден ќе гради атлетска патека,  атлетичарот Дарио Ивановски на прием кај градоначалникот

Скопје, 2 март 2024 (МИА) - Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, во својот кабинет го прими атлетичарот Дарио Ивановски од Општина Илинден, заедно со неговиот тренер Игор Јакимовски, кој од маратонот во Севиља, Шпанија се врати со голем успех. Со последниот резултат во дисциплината маратон кој го трчаше Дарио на 18 февруари годинава  во Севиља, Шпанија, тој е моментално убедливо најдобриот атлетичар од државава кој ќе учествува на Летните олимписки игри во Париз ова лето. Воедно тој се пласираше на европското првенство кое ќе биде увертира пред олимпијадата каде Дарио ќе се бори за освојување на медал како еден од фаворитите во Европа.

-Во оваа пригода градоначалникот Георгиевски упати честитки за големиот успех на Дарио за соборениот државен рекорд и истакна дека Општина Илинден е поддржувач на спортистите и спортските настани, такашто им дава големо значење, а доказ за тоа се големиот број спортски натпревари, но и инвестициите кои ги прави Општината за создавање на соодветни, модерни спортски терени за нашите спортисти, информира прес-службата на Општина Илинден.

Средбата со Дарио, дополнуваат, беше повод, за најава на големиот проект кој ќе го реализира Општина Илинден за изградба на атлетска патека, каде Дарио и останатите како него, ќе имаат одлични услови за вежбање со цел остварување на големи успеси.

Како што истакна градоначалникот Георгиевски атлетската патека ќе биде во должина од 200 метри, со најсовремена тартан подлога, трибини, ограда околу трибините и ќе се наоѓа околу мултинаменското игралиште во Илинден, кое е во завршна фаза и се наоѓа во близина на средното општинско училиште.лв/

фото:Општина Илинден 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан