• четврток, 12 февруари 2026

Општина Илинден потпиша меморандум за соработка со цел обезбедување на логопедски и дефектолошки услуги

Општина Илинден потпиша меморандум за соработка со цел обезбедување на логопедски и дефектолошки услуги

9 февруари 2026

Општина Илинден потпиша меморандум за соработка со Здружението за обезбедување на третман, застапување и унапредување на правата на лицата со попреченост „МЕГАЛОГОМЕД ГЛАС – Скопје“. Со потпишувањето на овој меморандум ќе се овозможи воспоставување нова социјална услуга во заедницата, која ќе опфати индивидуални логопедски и дефектолошки третмани за деца со развојни потешкотии и деца со попреченост, се наведува во сопштението од Општина Илинден, што МИА го пренесува интегрално.

Оваа услуга ќе биде насочена кон рано препознавање на развојни нарушувања, навремена интервенција и континуирано следење на децата со атипичен развој. Во рамки на активностите ќе биде обезбедена и социјална интервенција, заштита на интересите на лицата со попреченост и нивните семејства, како и едукација и поддршка за родителите во делот на логопедската и дефектолошката работа.

Како што истакна градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, воспоставувањето на оваа социјална услуга претставува значајна придобивка за локалната заедница, особено за ранливите категории граѓани. Тој додаде дека обезбедувањето на стручна поддршка на територија на општината ќе овозможи поголема достапност, намалување на финансиските трошоци и олеснување на секојдневните обврски на семејствата.

Услугата ќе биде бесплатна за лицата кои ќе добијат соодветна препорака од Центарот за социјална работа на Град Скопје, а корисници ќе можат да бидат лица со валидна документација согласно Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ). Со цел добивање на оваа услуга, граѓаните во наредниот период ќе можат да се обратат во здружението „МЕГАЛОГОМЕД ГЛАС – Скопје“.

Со оваа иницијатива, Општина Илинден уште еднаш ја потврдува својата заложба за унапредување на квалитетот на живот и обезбедување достапни и квалитетни услуги за сите граѓани на локално ниво.

 

Остани поврзан