Општина Зрновци уредува простор за опремување фитнес зона на отворено
- Општина Зрновци почна со градежни активности за уредување простор на кој ќе се постават справи за фитнес зона на отворено.
Кочани, 16 август 2024 (МИА) – Општина Зрновци почна со градежни активности за уредување простор на кој ќе се постават справи за фитнес зона на отворено.
Зоната се гради на парцела во државна сопственост, лоцирана во близина на Етно паркот и мултинаменското спортско игралиште на влезот на Зрновци, а ќе зафаќа површина од 200 квадратни метри. За нејзиното уредување и опремување обезбедени се средства како грант од Амбасадата на НР Кина и со кофинансирање од општинскиот буџет.
-Сакаме да им обезбедиме соодветно место за спортување и рекреација на младите, но и на повозрасните наши сограѓани. За комплетирање на фитнес зоната ќе се инвестираат околу 800 илјади денари. Нашата идеја наиде на поддршка и од кинеската амбасада која ни донираше половина од сумата за набавка на потребните справи за вежбање. Трошоците за уредување на просторот и за поставување соодветна подлога ќе ги покриеме со средства од Општината, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.
Градежните работи за уредување на просторот за фитнес зоната ги изведува ЈКП „Водна кула“ од Зрновци со сопствена механизација и работници. Се планира активностите за поставување на опремата да завршат до крајот на август. та/ир
Фото: МИА