• сабота, 23 ноември 2024

Општина Зрновци додели 22 стипендии за редовни студенти и ученици

Општина Зрновци додели 22 стипендии за редовни студенти и ученици

Кочани, 12 февруари 2024 (МИА) – Пет новозапишани редовни студенти и 17 ученици во основното и средното образование, кои се жители на општина Зрновци, ќе добиваат едногодишна стипендија во тековната учебна година од буџетот на Локалната самоуправа.

Во рамки на програмата за поддршка на образованието обезбедени се 340 илјади денари, чија исплата ќе се реализира во период од десет месеци, а градоначалникот Борчо Коцев веќе ги потпиша договорите со примателите на стипендиите.

-Трета година по ред, во рамки на нашите буџетските можности, ја реализираме програмата за стипендирање, а главна цел е да им обезбедиме еднакви услови за едукација на младите од ранливите категории семејства. Распределбата се прави за редовни студенти во прва година на државните универзитети, за ученици во основно и средно образование кои живеат во семејство на самохран родител, како и за ученици на невработени родители. Услов е бруцошите да постигнале солиден успех во средното образование, да студираат на некоја од дефицитарните струки и да се со слаби материјални можности. Тие ќе добиваат по четири илјади, а учениците по илјада денари, истакна градоначалникот Коцев.

Според општинскиот Правилник за стипеднирање дополнителен услов за добивање на поддршката беше кандидатите да не добиваат стипендија или кредит од друга институција, односно компанија.

На јавниот повик што беше објавен минатиот месец, учениците и студентите покажале голем интерес за добивање стипендија, а по разгледувањето на пристигнатите пријави Општинската комисија изготвила ранг листа на кандидати кои ги исполниле условите. та/сст/

фото: МИА архива

Остани поврзан