• четврток, 26 декември 2024

Општина Демир Хисар со нова туристичка понуда

Општина Демир Хисар со нова туристичка понуда

Демир Хисар, 11 март 2024 (МИА) - Општина Демир Хисар од денеска е збогатена со нова содржина на нејзината интернет страница, а тоа е Туристичка понуда во која се содржани туристичките потенцијали  на територијата на општината.

Од секторот за односи со јавност информираат дека потребата за промовирање и достапност до туристичките потенцијали на Демир Хисар е од поодамна, но конкретно е реализирана по препорака од Локалниот економско-социјален совет на Општина Демир Хисар и со поддршка на градоначалникот и Советот на Општина Демир Хисар.

-Повеќе пријатели на Демир Хисар со право реагираа дека не се достапни информациите за убавините на нашата општина, за особеностите на демирхисарското поднебје, за објектите за сместување, за рестораните и кафе баровите, за природните и антропогени ресурси, за верските објекти, за можноста за планинарски и велосипедски туризам и друго, едноставно за тоа како и зошто би го посетиле нашиот крај. Составен дел на понудата е манастирскиот туризам, информираа од тамошната локална самоуправа.

Со новата содржина на интернет страницата на општината, секој заинтересиран може да ги најде на едно место сите неопходни информации за посета и престој во Општина Демир Хисар. мт/сст/

Фото: Општина Демир Хисар

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан