Општина Делчево објави јавни повици за финансиска поддршка за спортски и граѓански здруженија
- За оваа намена во општинскиот буџет за 2026 година се издвоени вкупно 1,5 милиони денари.
Делчево, 16 јануари 2025 (МИА) - Општина Делчево ги објави двата јавни повика за доделување финансиска поддршка за спортски и граѓански здруженија, за што во општинскиот буџет за 2026 година се издвоени вкупно 1,5 милиони денари.
Средствата ќе бидат распределени транспарентно и согласно јавно утврдени критериуми, а право на учество имаат спортски клубови, спортски здруженија и здруженија на граѓани кои дејствуваат на територијата на Општина Делчево и ги исполнуваат условите наведени во јавните повици.
Според Правилникот за условите, начинот и постапката за доделување финансиска помош, граѓанските здруженија треба да бидат регистрирани најмалку една година пред објавувањето на повикот и да работат во приоритетни области како што се локален економски развој, образование, култура, уметност, социјална заштита, заштита на животната средина, еднакви можности и младински политики.
Право на учество имаат и сите спортски клубови и здруженија регистрирани согласно закон, кои дејствуваат на територијата на општината, вклучително и спортските клубови во рамки на основните и средното училиште, како и правни лица кои организираат спортски манифестации од значење за локалниот развој на спортот.
Пријавите со потребната документација се доставуваат до Архивата на Општина Делчево, по пошта или по електронски пат. Рокот за пријавување е 15 дена и трае од 16 до 30 јануари 2026 година.
Јавните повици се објавени на официјалната веб-страница на Општина Делчево. вс/вг/
Фото: Општина Делчево