• недела, 17 ноември 2024

Општина Дебар ја следи состојбата со ризичните точки од поплави и ерозија

Општина Дебар ја следи состојбата со ризичните точки од поплави и ерозија

Дебар, 17 октомври 2024 (МИА) - По обилните врнежи дожд што го зафатија Дебар и околните подрачја минатата недела, претставници од Општината заедно со првите луѓе на Териоријалната противпожарна единица (ТППЕ) и Подрачната единица на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) посетиле некои од најкритичните и загрозени точки од поплави и ерозија.

Во известувањето до јавноста објавено на општинската страна на Фејсбук, се оценува дека „ситуацијата е под контрола, но е потребно редовно чистење на одводните канали во населбата Варош (Ваковска Река), како и продолжување на чистењето на каскадите во селото Долно Косоврасти (косоврашко дере)“. Воедно се апелира, граѓаните да избегнуваат непотребни движења во вакви метеоролошки услови, за да се олесни интервенцијата во овие загрозени области и да се спречат какви било несакани последици, порачуваат од општината.

Редовното чистење, нагласува Општината, се спроведува веќе петта година по ред, со цел да се осигура правилен проток на водата и да се избегнат катастрофи.

-При посетата, разгледана е и друга точка со висок ризик од свлечишта и одрони од камен на делницата Дебар-Жировница, сегмент Мелнички Мост – Долно Косоврасти, спроти бањскиот локалитет. Идентификувани се пукнатини на две големи карпи, кои можат да се урнат во секој момент, претставувајќи голема опасност за животот на луѓето и за можни природни катастрофи. Заради тоа, Општина Дебар ќе ги информира надлежните органи и ќе побара итна интервенција за да се спречат можни несреќи, стои во објавата.

Се наведува и дека согласно најавите за нови врнежи од дожд, но и престојната зимска сезона, „Општина Дебар внимателно ја следи ситуацијата на сите критични точки загрозени од врнежи од дожд и снег“.

Општината апелира граѓаните да ги избегнуваат непотребните движења во вакви метеоролошки услови, за да се олесни интервенцијата во овие загрозени области и да се спречат какви било несакани последици, порачуваат од општината. вт/мч/

Фото: општина Дебар ФБ

Остани поврзан